30.11.2012, 15:14 МЗТ против Шолнок за премин во позитива
„Металците“ без четворица кошаркари ќе бараат победа над Унгарците за мирно пловење по Јадранот
По триумфот во Задар, македонскиот шампион наместо да стисне на гас и без грижи да влезе во дуелот против четирикратниот унгарски шампион Шолнок, утревечер (20:30 ч.) една од најважните победи во АБА-лигата, за олеснување на патот кон обезбедување опстанок во лигата, може да се случи да ја брка без четворица кошаркари.
Од таборот на МЗТ Скопје стигна непријатна вест, тренерот на „сино-белите“ Алеш Пипан, дефинитивно, нема да може да смета на повредените Кирил Николовски, Горјан Марковски и капитенот Тони Грнчаров, а под голем знак прашалник е ставен настапот на стандардниот плејмејкер Огнен Стојановски за кого до вчера се' уште не беше решено дали ќе биде правилно седум дена по здобиената скршеница на носот да настапи со заштитна маска.
„Металците“ за противник повторно имаат тим кој се наоѓа во долниот дел од табелата во регионалното натпреварување, поточно последното место со скор од две победи (против Цибона и Сплит на домашен терен) и осум порази.
И покрај тоа што Унгарците паралелно настапуваат и во Еврочелинџ купот, немаат доволно време за одмор и за сега не импресионираа со своите игри и уште помалку го оправдуваат местото во АБА-лигата, сепак Словенецот на кормилото на македонскиот шампион Пипан е претпазлив со прогнозите пред се' поради лошата здравствена ситуација во неговиот табор.
„Не' чека можеби најтешкиот натпревар во првиот дел од сезоната. Екипата на Шолнок не е воопшто слаба како што тоа изгледа на табелата. Ние се соочуваме со проблеми со повредените играчи, и затоа сите што ќе добијат шанса за настап, мора да го покажат својот максимум ако сакаме да дојдеме до победата“, изјави тренерот на МЗТ Скопје Алеш Пипан.
Поради важноста на трите бода управата на „металците“ одлучи цената на билетите да изнесува 50 и 100 денари, се' со цел да се добие посакуваната поддршка од трибините особено во ситуација кога нашиот претставник се соочува со повреди на четворица кошаркари кои имаат важно место во тимот.
Инаку, покрај дуелот МЗТ Скопје - Шолнок, кој е интересен за македонската публика во центарот на вниманието ќе биде дербито во 11. коло помеѓу водечките екипи Игокеа - Партизан закажано за в недела во Александровац. (М.К.)
Двојки, 10 коло: Раднички - Задар, МЗТ Скопје - Шолнок, Сплит - Будуќност, Ц. звезда - Широки, Цедевита - Крка, У. Олимпија - Цибона, Игокеа - Партизан.
|