29.11.2012, 13:47 „Старо купуем“ - нов македонски филм
Приказната се врти околу луѓето кои секојдневно ги гледаме околу контејнерите и нивната невозвратена љубов. Премиерата се очекува во март 2013
Во близината на воениот отпад во Скопје деновиве заврши снимањето на домашниот филм „,Старо купуем“, чија приказна се врти околу луѓето кои секојдневно ги гледаме околу контејнери и нивната невозвратена љубов. Луѓе со неостварени животни желби и копнеж по побогат живот.
Главните ликови во филмот ги толкуваат Ѓорѓи Тодоровски-Трупче (Аурелија) и Младен Крстевски (Тачо), кои сакаат да избегаат од секојдневната сиромаштија, надевајќи се дека, сепак, еден ден ќе ги напуштат контејнерите и со измама ќе дојдат до богатството на таинствениот Господин (Александар Шехтански).
Желбата на Тачо е: ,,Аурелие, сакам да избегам од овој наш џган“. Иако хуморот е присутен во филмот кој го испреплетува смешното и трагичното на денешниот лажен живот, сепак, трагичноста не ги одминува главните ликови.
Уште еден од галеријата на трагичните ликови е госпоѓа Ружа (Кица Ивковска), дете на руски емигранти чие копнеење, сепак, е еден ден да се омажи за богат човек, присетувајќи се на приказните за нејзините предци во царска Русија. Најтрагичен лик во филмот е оној на клошарката Цеца (Маја Вељковиќ), чиј лик секојдневно шета по градските улици со надеж за остварување на ветувањето на Тачо...
Филмот е снимен на локации во Скопје, Крива Паланка и во Битола, во продукција на „ВЕ-МА филм“. Сценариото и режијата се на Младен Крстевски. Во останатите улоги (покрај гореспоменатите) настапуваат младиот актер Александар Вељановски, студент на четврта година на ФДУ во Скопје, и Ане Павлов во улогата на дете, Самоил Стојановски. Директор на фотографија и снимател е Слободан Стојков, монтажер Јован Вељановски, костимите се на Снежана Митова, шминка Јасна Дишлиеска.
Премиерата на филмот се очекува во март 2013 година во Скопје.
|