05.12.2012, 21:03 (ФОТО) Вардар Про подобар од Загреб во СЕХА лигата
Црвено-црните вечерва во рамките на 11. коло извојуваа победа од 26:23
ФОТО: Петр Стојановски
Ракометарите на Вардар Про го совладаа хрватскиот шампион Загреб КО со 26:23 вечерва во Скопје во рамки на 11.коло од регионалната СЕХА лига.
По израмнетиот почеток и 2:2 по шест одиграни минути, гостите од Хрватска со серија од 4:0 поведоа со 6:2. Во продолжението „црвено - црните“ не само што успеаја да ја анулираат негативата туку на одмор на полувремето заминаа со два гола разлика 12:10. Во второто полувреме Вардар играше силно во одбраната, но и сконцентрирано во нападот, па како резултат на таквата игра дојдоа и петте голови предност во 42.та минута (17:12). Оваа предност им овозможи мирен финиш на вардарците и освојување на два бода.
Ракометарот на Вардар Про, Добривоје Марковиќ беше најефикасниот ракометар на натпреварот со 9 постигнати голови, одличен настап забележа и домашниот голман Иван Мартиновиќ кој имаше 12 успешни интервенции. Златко Хорват со 7 голови беше најефикасен кај гостите од Загреб.
Со оваа победа Вардар Про се проби на третото место на табелата со 20 бодови, два повеќе од вториот македонски претставник во СЕХА лигата, тимот на Металург кој својот натпревар од оваа рунда ќе го игра утре во Бања Лука против Борац.
На двете водечки позиции се Загреб и Нексе со по 22 бода.
|