05.12.2012, 15:46 Конзервативецот Вели Маурер избран за претседател на Швајцарија
Конзервативецот Вели Маурер е избран за претседател на Швајцарија. Одлуката беше донесена денеска во Берн на заседание на двата дома на парламентот.
Маурер (62) е член на десната швајцарска Народна партија.
Тој ја доби поддршката од 202 парламентарци, „против“ гласаа 40, а 35 гласачки ливчиња беа невалидни.
Освен задачите на шеф на државата Маурер во 2013 година ќе продолжи да раководи и со Министерството за одбрана, цивилна заштита и спорт.
За вицепретседател во идната година е избран министерот за надворешни работи Дидие Буркхалтер.
Партијата на Маурер минатата година освои 26 отсто од гласовите на изборите за Долниот дом на Парламентот. Иако не ги достигна очекуваните 30 проценти оваа партија ја зачува својата позиција на водечка политичка сила во земјата.
Во изминатите години швајцарската Народна партија организ��раше успешни референдуми за забрана на градењето минариња во Швајцарија, за депортирање странци кои извршиле криминал, а на крајот и наложи ограничувања за имиграцијата.
Таа предлага швајцарската федерација да го зачува правото да ја менува или укинува спогодбата за слободно движење на луѓето, склучена со ЕУ во 2002 година.
Во интервју пред изборите Маурер изјави дека билатералните договори со ЕУ се важни, но тоа не пречи Швајарија да ги преразгледа, доколку тие почнат да им се закнуваат на нејзините национални интереси.
- Швајцарија не може да поднесе толку голем демографски раст без тоа да има странични ефекти, рече Маурер. „Треба да имаме можност да анализираме какви ќе бидат последиците од имиграцијата од последните години за училиштата, пазарот на станови и пазарот на трудот“, смета тој.
Во Швајцарија, која е федерална парламентарна република, претседателот се избира од редовите на парламентарите за рок од една година, без право на реизбор. |