06.12.2012, 11:12 Судир меѓу автобус и комбе, осум повредени
Осум повредени, од кои еден потешко е билансот од сообраќајната несреќа што утрово се случи на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Приватен автобус за градски превоз удри во комбе што пренесувало патници од Тетово. Ударот бил толку силен што се разбудиле и станари во околните згради во населбата Карпош.
Од МВР известија дека несреќата се случила во 9,10 часот кога дошло до судир меѓу комбе „фолксваген“ и приватен автобус „22“. Автобусот се забил во комбето, повредени се седуммина патници од „фолксвагенот“. Шестмина од нив се однесени во поранешната Воена болница, еден во Градска, а најтешко повредениот е префрлен во Ургентниот центар. Кај дел од нив биле констатирани скршеници и крвавења, имаат видливи повреди по телото. Осмиот повреден е патник во автобусот, средовечна жена што била изнесена со носилка.
Полицијата утврдува како се случила несреќата. Дел од патниците во автобусот велат дека тој се движел со голема брзина, поради што го оттурнал комбето надвор од коловозот. Возачот на автобусот, пак, во куса изјава за медиумите тврди дека комбето ненадејно сопрело пред него, веројатно за да симне патници, поради што судирот бил неизбежен. |