10.12.2012, 15:46 Вардар со „петка“ ја завери есенската титула
Напредок - Металург на 16 декември, службени бодови за Тетекс и, најверојатно, ред казни за двата тетовски прволигаши
Екипата на Вардар во голем стил ја потврди лидерската позиција во есенскиот шампионат. Бранителот на круната во арената „Филип Втори“ пред околу 300 свои навивачи убедливо го совлада Силекс со 5:0.
Со хет-трикот на Костовски дополнет со головите на Стојаковиќ и Георгиев „црвено-црните“ лесно ги добија кратовци и на паузата заминаа со три бода во однос на второпласираниот Хоризонт Турново.
Крајниот епилог од есенскиот шампионат, сепак, ќе биде познат во скоро време. Одложениот меч меѓу Напредок и Металург најверојатно ќе се одигра на 16 овој месец (недела), односно веднаш по враќањето на четворицата фудбалери на домашниот тим од Анталија каде што нашиот најдобар национален состав в петок ќе одигра пријателска средба против селекцијата на Полска.
Што се однесува до прекинот во тетовското дерби меѓу Тетекс - Шкендија, се очекува мечот да биде регистриран со 3:0 за домаќинот кој сигурно ќе има казна за лоша организација на натпреварот, а додека Шкендија ќе биде казнета бидејќи донесе одлуката за напуштање на теренот на стадионот Ѓорче Петров.
За потсетување натпреварот меѓу двете тетовски екипи беше прекинат во 86. минута по постигнатиот гол на Тетекс, по што управата на Шкендија одлучи да го напуштат теренот поради загрозената безбедност како што велат во нивното соопштение. (М.К.)
ТАБЕЛА
1. Вардар 17 10 5 2 31:9 35
2. Хоризонт 18 9 8 1 23:13 35
3. Напредок 17 9 3 5 21:16 30
4. Металург 17 9 3 5 20:14 30
5. Шкендија 17 8 5 4 30:21 29
6. Брегалница 18 8 2 8 20:17 24
7. Дрита 18 6 5 8 19:25 23
8. Ренова 18 6 3 9 16:26 21
9. Работнички 18 6 3 9 24:29 21
10. Пелистер 18 5 4 9 15:21 19
11. Силекс 17 4 3 10 14:24 15
12. Тетекс 17 2 3 12 9:27 9
Идно коло ( 3 март 2013 година): Брегалница - Напредок, Металург - Тетекс, Пелистер - Вардар, Работнички - Турново, Шкендија - Ренова, Силекс - Дрита. |