10.12.2012, 16:12 Прецизна евиденција на невработените
Како да се водат евиденциите на невработените кои навистина активно бараат работа, како да се утврди нивниот точен број, структурата и квалификациите за да може да се изготват соодветни планови за зголемување на вработувањето. На овие теми денеска разговараа претставници на националните служби за вработување на Десеттата директорска конференција на Центарот на јавни служби за вработување на државите од ЈИЕ.
„Прашањето со невработеноста е многу важно и преземањето мерки за нејзино намалување треба да се темели на реална евиденција на невработените лица. Таа е потребна и за креирањето на активните политики за вработување, со цел програмите да се насочат кон оние на кои им се потребни“, изјави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
Тој посочи дека за да се создаде реална евиденција во Македонија веќе се извршени неколку законски измени со кои се издвоија невработените кои активно бараат работа со другите невработени, ставен е акцент на индивидуалниот план за вработување и слично.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, потенцира дека воспоставувањето точна евиденција е од исклучително значење.
„Многу малку од невработените прифаќаат вработување што им се нуди преку Агенцијата, иако местата што им се нудат се соодветни на нивните знаења и вештини“, рече тој.
И земјите во регионот се соочуваат со истите предизвици.
Драган Ѓукиќ од Националната служба за вработување во Србија истакна дека голем дел од мерките се слични како оние во Македонија. Според него, околу 30 проценти од оние кои се вработуваат го прават тоа во посредство на Националната служба за вработување. (Ек.Р.)
|