10.12.2012, 13:01 Теута Арифи можен кандидат на ДУИ за градоначалник на Тетово
Теута Арифи, член на највисокото раководство на ДУИ и актуелен вицепремиер за европски прашања, е една од можните кандидати за градоначалник на Тетово, изјави денеска Абдулаќим Адеми, член на раководството на ДУИ и министер за животна средина кој ја претставуваше партијата на конференцијата „Локални избори 2013: За родова рамноправност“.
Адеми за МИА рече дека кандидати за градоначалник на Тетово се и Хазби Лика и Ибраим Дехари. Изборот за тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник на ДУИ во овој град најверојатно ќе биде завршен на крајот на овој месец.
ДУИ, според него, ќе кандидира градоначалници за околу 20 градови во земјава. На конференцијата исто така присуствуваа и претставници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Гордан Георгиев од СДСМ рече дека во текот на кампањата што досега ја реализираше оваа партија кандидирана е само една жена за градоначалник и тоа во Неготино, но оти очекува неговата партија да има три до четири жени кандидатки за оваа позиција.
Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека нејзината партија и Владата даваат целосна поддршка на жените за вклучување во политиката. Тие ја поддржуваат Декларацијата предложена од Македонското женско лоби, Женската граѓанска иницијатива Антико и СОЖМ која повикува на поголемо учество на жените на претстојните локални избори.
|