10.12.2012, 12:51 Морси и даде на армијата право да приведува цивили
Египетскиот претседател Мохамед Морси издаде нов указ со кој на армијата и се дава право да приведува цивили за да ја гарантира безбедноста во државата во пресрет на референдумот на 15 декември за новиот египетски устав.
Според указот, армијата ќе соработува со полицијата при гарантирањето на безбедноста. Истовремено, Морси го укина и планираното зголемување на акцизите врз цементот, челикот, пивото и цигарите.
Указот беше даден и пред протестите закажани за утре на опозицијата против референдумот.
Опозицијата во Египет повторно повикува на протести
Египетската опозиција повторно повика на протести против претседателот Мохамед Морси откако тој го отфрли нивниот предлог за уставен референдум во оваа недела за спорниот нацрт на уставот.
- Националниот фронт на спас најави дека во целост ќе го отфрли референдумот и нема да го озакони бидејќи може да предизвика нови судири, изјави Самех Ашур, кој зборуваше во име на коалицијата опозициски партии, јави „Ал Џазира“.
- Фронтот повикува египетскиот народ мирно да протестира на неколку плоштади во каиро во вторник за да се покаже незадоволство од претседателското занемарување на барањата на народот и да го отфрлат уставот кој ги загрозува правата и слободите, додаде тој.
Одлуката на Морси да го повлече декретот со кој си даде пошироки овластувања не ги задоволи неговите противници кои го обвинуваат дека ја влошува постоечката криза во Египет. |