10.12.2012, 12:20 Македонците трети во регионот по користење „Фејсбук“, а четврти по Интернет
Во Македонија интернет користат 1.180.704 граѓани или 56,7 проценти од вкупната популација, а на социјалната мрежа „Фејсбук“ се приклучени 941.240 граѓани или 45,2 проценти.
Според податоците на специјализираниот статистички веб сајт „Интернет ворлд стат“, Македоците во користењето на интернет се пред Албанците, Бугарите, Грците, Црногорците, Србите и граѓаните на Косово.
Процентуално гледано по Македонците најголеми корисници на интернет се Србите со 56,4 проценти по кои следуваат Грците со 53, Бугарите со 51, Црногорците со 50 и Албанците со 49 проценти. Најмалку интернет се користи во Косово каде што 20,5 проценти од населението е приклучено на онлајн мрежата.
Поголем интерес за интернет има кај граѓаните на Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Од нив, најмногу интернетот се користи во Словенија каде што 72,1 процент од населението се приклучени онлајн, по што следува Хрватска со 70, 7 проценти и Босна и Херцеговина со 60 проценти.
Најпознатата социјална мрежа „Фејсбук“, повеќе од Македонците ја користат Србите - 48,2 проценти од вкупната популација и Црногорците со 46,9 проценти. Помалку приклучени на „Фејсбук“ има во Словенија - 37,1 процент, Албанија - 36,1, Хрватска - 35,1, Бугарија - 34,6 и Босна и Херцеговина со 33,7 проценти.
Зголемувањето на интернет корисници во Македонија се должи пред се на политиките и реформите што беа спроведени во последните години почнувајќи од отворањето на бесплатни интернет клубови, организирањето на бесплатни курсеви за граѓаните, доделувањето ваучери за компјутерска опрема за студентите па се до набавката на компјутери за училиштата и воведувањето на електронскиот систем скоро во сите државни и јавни институции.
Податоците од Државниот завод за статистика на Македонија од октомври годинава покажуваат дека во првото тримесечје од годинава 58,3 проценти од домаќинствата имале пристап на интернет што е пораст од 3,3 проценти во споредба со истиот период 2011 година. Од вкупното население на возраст од 15 до 74 години компјутер користеле 59,9 проценти, а интернет 57,5 проценти. Како најголеми корисници на интернет се јавуваат учениците и студентите.
Кај деловните субјекти 87,3 проценти имале пристап на интернет, а приближно една четвртина или 25,5 проценти им обезбедиле на своите вработени преносливи уреди со кои се овозможува мобилна конекција на интернет.
Минатата година 84 проценти од компаниите користеле интернет за соработка со органите на јавната власт било за добивање информации, формулари или пак за административни процедури, а околу 28 проценти понудиле стоки и услуги во електронските системи за јавни набавки во државата.
|