10.12.2012, 15:39 Иванова нема да ја води седницата на Комисијата за труд за законот за бранители
„Отсега па натаму кај претседателот на Собранието е обврската за работата на Комисијата и да обезбеди услови за непречено донесување на законот за бранители, изјави Иванова
Претседателката на собраниската Комисија за труд и социјална политика Цветанка Иванова денеска изјави дека повеќе нема намера да ја води седницата на која се расправа за законот за бранители поднесен од ВМРО-ДПМНЕ на која се разгледуваат над 15 илјади амандмани.
- Како претседател на Комисијата за труд и социјална политика со писмо ќе го известам претседателот на Собранието Трајко Вељаноски дека немам намера повеќе да ја водам седницата на која се расправа за законот за бранители. Отсега па натаму кај претседателот на Собранието е обврската за работата на Комисијата и да обезбеди услови за непречено донесување на законот за бранители, изјави Иванова.
Додаде дека очекува оти Вељаноски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе демонстрираат ист аршин и подеднаква одлучност за законот за бранители како за серијата други закони од сферата на социјалата.
Иванова беше децидна дека не се откажува од претседателското место на Комисијата за труд и социјална политика, туку дека нема намера да ја води Комисијата на чиј дневен ред се амандманите на ДУИ на законот за бранители.
Пратеничката група на СДСМ, според неа, ќе учествува во работата на Комисијата за труд и социјална политика, на седницата што претходно денеска ја закажа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за среда, а на која треба да се разгледуваат закони поврзани со покачувањето на пензиите и другите социјални трансфери.
Иванова одби да закаже седница на која би се разгледале овие девет закони со образложение дека најнапред треба да биде донесен законот за бранители обвинувајќи ги притоа владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ дека го блокираат законот.
Иванова денеска информираше дека првиот амандман што ќе го поднесе СДСМ во пресрет на расправата по седницата ќе биде барањето за зголемување на пензиите наместо како што предлага Владата да започне во март 2013 да биде веднаш по донесувањето на законот од 1 јануари 2013 година
|