11.12.2012, 15:43 Врачена наградата на Киро Урдин од филмскиот фестивал во Јаан
На македонскиот уметник и режисер Киро Урдин денеска во Скопје му беше врачена наградата за филмот „Две времиња“, добиена на престижниот кинески филмски фестивал во Јаан, посветен на заштитата на животните и животната средина.
Наградата на 5. издание на овој фестивал филмот на Урдин ја доби во конкуренција на 45 филмови од 29 земји во светот во продукција на најмоќниоте светски медиумски куќи како ББЦ, Анимал Планет, Дискавери Чанел и др.
На свеченоста се обратија кинескиот амбасадор во Македонија Циу Џивеи и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, кои истакна дека оваа награда е уште една потврда за одлична соработка во областа на културата, која е потврдена и со потпишување на програмата за соработка за периодот 2012-2017 година.
- Вистински предизвик за македонската култура беше нејзината презентација во рамки на манифеста��ијата „Денови на македонската култура“, која минатата година беше презентирана во Кина, земја со богата историја, култура и традиција. Верувам дека наскоро и кинеската култура ќе биде презентирана во РМ, рече Недељковиќ.
Пратеничката Силвана Бонева, претседател на групата за соработка и пријателство во македонското Собрание со Кина, во своето обраќање истакна дека денешниот настан е од големо значење за културата на РМ, настан кој соединува две земји - една мала Македонија и една огромна Кина.
- Овој филм на Урдин е производ не само на неговите талкања во Африка, туку на неговите претходни искуства, на Планетариумот кој што го создаде по двегодишното патување низ светот, а праќа силна порака до човештвото да ја чуваат природата, рече Бонева.
Авторот Урдин, пак, покрај многу освоени награди оваа ја издвои како најдрага, поради значењето на фестивалот кој се оджува во Градот на дождот во Кина, но и поради порака која ја носи со себе за подигање на свеста за загрозените животни и потребата од силен ангажман на сите за зачување на природата.
Филмот на Урдин „Планетариум“, работен во копродукција со Македонската телевизија, во ноември, годинава, ја освои првата награда во областа уметнички филм со посебни естетски постигнувања на најголемиот европски фестивал за филмови од областа на животната средина и планетата Земја во Финска Вааса филм фестивал. На овој фестивал филмот „Две времиња“, беше номиниран за награда во својата категорија во конкуренција на над илјада филмови од најноќните светски филмски и ТВ-компании од овој жанр.
Урдин учествуваше и минатата година на екофестивалот во Кина, со филмот „Оган и вода“. |