12.12.2012, 12:47 Групата „Кабадајас“ го промовираше својот првенец - албумот „Четири“
Македонскиот џез-рок квартет денеска во кафеаната „Пелистер“ пред љубителите на музиката и голем број пријатели го промовираше својот првенец, албумот насловен „IV“
Македонскиот џез-рок квартет „Кабадајас“ денеска во кафеаната „Пелистер“ пред љубителите на музиката и голем број пријатели го промовираше својот првенец, албумот насловен „IV“ („Четири“), кој излезе под етикетата на „Баги комуникации“. На албумот се сместени седум композиции („Леона“, „26 зачини за крај“, „Планет Ведра“, „Визбаден“, „Фала ми Лидија“...) кои претставуваат стилска мешавина од традиционални мелодии и ритмички експресии, допирајќи ги џезот, фанкот, драм енд бејсот и даб-музиката.
Џоле Максимовски на бас, Дино Милосавлевиќ на тапани (моментно членови и на триото на Влатко Стефановски) и, исто така, добро познатите музичари Горан Бојчевски на кларинет, саксофон и кавал и Зоран Костадиновски на гитара, се „Кабадајас“, бенд кој се формираше минатата година и веќе имаше успешна турнеја низ Словенија, како и неколку настапи низ земјава.
Како што и самите велат, нивниот бенд има цел да ги соедини нивните индивидуални визии за музиката и да ги претвори во еден препознатлив звук. Максимовски и Милосавлевиќ, покрај настапите со Влатко Стефановски, зад себе ги имаат и соработките со „Архангел“, Кирил Џајковски, „Беневентан трио“ итн., Бојчевски, пак, е магистер по кларинет на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург, Австрија, а Костадиновски е студент на Џез-академијата во Штип.
„Не сакаме нашиот звук да го окарактеризираме во еден стил, туку сите композиции ритмички се допираат и прават една единствена самосвојна приказна“, вели басистот Џоле Максимовски.
Албумот „Четири“ е снимен во скопското студио „Соник 57“ од Ален Хаџи Стефанов, мастерингот е на Мите Димовски од „Тра ла ла“, а дизајнот на обвивката е на Сашо Поповски. (Т.И.)
|