13.12.2012, 15:24 (ФОТО) Бит-пазар празен, пазарџиите на улица
ФОТО: Петр Стојановски
Околу 200-300 пазарџии од Бит пазар денеска ја блокираа клучката на главната чаирска сообраќајна артерија „Крсте Петков Мисирков“ во знак за протест против несоодветните услови за работа и нелојалната конкуренција. Тие се револтирани од неодговорниот однос и празните ветувања на Општина Чаир за изградба на затворен пазар, а бараат решение за дивите пазарџии што работат од тротоарите покрај тезгите, како и отворени разговори со „Скопски пазар“.
„Ова е предупредувачки протест. Ние не ги претставуваме само тезгаџиите од Бит пазар, ова е стимул за сите обесправени пазарџии низ градот. Институциите немаат слух за нашите проблеми, па мораме да ги поттикнеме на ваков начин, со блокада. Веќе 5 години Општина Чаир ветува доградба на пазарот во затворен тип, но ништо од тоа. Нема никаква логика да се работи на толку студено без основни услови“, вели Екрем Долек, претседател на Здружението на пазарџии „Просперитети“.
Тој смета дека е сосема нереално да плаќаат висока закупнина за тезга, додека дивите пазарџии им го земаат лебот работејќи од кутии околу булеварот.
„Мора да се најде решение за тие продавачи. Има толку многу празни тезги низ државата. Има место за сите, само треба распоред по пазарите. Нелегалните продавачи ни земаат околу 70 отсто од работата. Ние плаќаме од 3.700 до 4.500 денари месечно, а бидејќи сме даночни обврзници за персонален данок, цените и натаму ќе растат, па најавуваат закупнина и по 6.000 денари. Како е тоа можно со вакви услови за работа?“, прашува Долек и апелира до „Скопски пазар“ да седнат на заедничка маса и да разговараат за проблемите.
„Треба да се договориме околу осветлувањето, санитарните услови, начинот на работа... Со ’Скопски пазар’ зависиме едни од други. Не ме интересира бирократија. Само мојот човек кој мора на -15 степени да заработува за семејството“, вели Долек, најавувајќи радикализирање на протестот доколку не наидат на заеднички јазик со надлежните.
„Скопски пазар“ излезе со став дека има изготвено идејно решение затворениот пазар, а реализацијата ќе започне штом се направат потребните промени на постојниот ДУП од Општина Чаир.
„Што се однесува до дивите пазарџии, со оглед на фактот што
пазарџиите своите тезги ги поставуваат надвор од просторот на пазарите, ’Скопски Пазар’ не е надлежен за решавање овој проблем“, велат од таму (Б.Ш.)
|