14.12.2012, 15:39 „Метузалем“ - промоција на првиот албум на „Здив“
Ади Имери, Доријан Јовановиќ и Гоце Наумов се „Здив“, а нивниот прв албум е звучно отсликување на времето
Музичкиот состав „Здеев“ („Здив“) денеска во Кинотека на Македонија ќе го промовира првиот албум насловен „Метузалем“. На промоцијата, бендот ќе изведе дел од новите композиции кои се реаранжирани за оваа пригода. Покрај суптилниот сараунд звук, настапот ќе биде проследен и со видеопроекција.
„Здеев“ се: Ади Имери - гитара и електроника, Доријан Јовановиќ - стик и електроника и Гоце Наумов - електрични перкусии и процесирање.
По неколкуте настапи, членовите на групата, како што велат, решиле да ја дефинираат и снимат музиката која добивала различен карактер при секоја изведба.
Албумот е снимен минатата година во сту��иото „Про фундус“, а самите членови го опишуваат како албум со изобилство на звучни пејзажи и наративност предводена од мелодискиот и ритмичкиот сооднос на инструментите процесирани низ разни технички помагала.
Насловот „Метузалем“, пак, претставува звучно отсликување на времето, прикажано преку еден старозаветен лик кој живеел 969 години. Во овој случај, велат членовите на групата, „Метузалем“ е аудиометафора за антропоморфното перципирање на времето осмислено преку неколку суштински компоненти на човечкото тело. Поради тоа, композициите на овој албум се именувани во седум става со кои звучно се илустрира по една функција од отелотворувањето на времето. (Т.И.)
|