14.12.2012, 09:50 Петто обвинение за корупција против Санадер
Петто по ред обвинение за корупција е поднесено против поранешниот хрватски премиер Иво Санадер поради незаконско стекнување на милиони долари од владина зделка за недвижен имот, соопшти денеска судот во Загреб.
Санадер, заедно со поранешниот министер за регионален развој Петар Чобанковиќ и други двајца обвинети, се товари дека незаконски присвоил пари од владина зделка за откуп на зграда во Загреб.
Педесет и девет годишниот Санадер веќе издржува 10-годишна затворска казна за корупција и моментално против него се води процес за злоупотреба на државни средства преку маркетинг компанија, која била под негова контрола.
Зградата, која хрватската влада во тоа време ја купила за 13,9 милиони долари, била со вештачки зголемена цена, а обвинетите, меѓу кои е и нејзиниот сопственик Младен Млинаревиќ, се претпоставува дека ја распределиле разликата по продажбата во 2009 година.
Се претпоставува дека Санадер од оваа зделка присвоил 3,5 милиони долари. Двајца од обвинетите го признале криминалот, но Санадер негира, потврди обвинителот Тончи Петковиќ.
Датумот за почеток на овој судски процес се` уште не е определен. |