16.12.2012, 14:59 Најмен победник на спустот во Вал Гардена
Шест години по својата единствена победа во Светскиот куп на истата италијанска писта 30-годишниот Американец ги изненади фаворитите
Стивен Најмен ги искористи подобрените временски услови за да триумфира на спустот во Вал Гардена втор пат на скратената патека Саслонг. Шест години по својата единствена победа во Светскиот куп на истата италијанска писта 30-годишниот Американец ги изненади фаворитите, триумфирајќи со време 1:28,82 минути.
Одлуката на организаторот да се одржи трката по секоја цена по двете одложувања и прекинот му помогна на специјалистот за брзини од Парк Сити да се врати на подиумот првпат по пет години. Додека Најмен е специјалист за брзини, среќникот на денот беше Словенецот Рок Перко, кој заврши втор со заостанување од 19 стотинки и тоа е негов прв пласман меѓу најдобрите десетмина по седум години. Во трката што ги фаворизираше тие што стартуваа подоцна, светскиот шампион Ерик Геј го освои третото место со 24 стотинки послабо време од Најмен.
Стартувајќи во многу полоши услови, со намалена видливост, Норвежаните Шетил Јансруд и Аксел Лунд Свиндал се пласираа на четвртото и на петтото место. Свиндал води во вкупниот поредок од Светскиот куп со 585 поени, втор е Американецот Тед Лиџети со 177 бода помалку, а бранителот на титулата Марсел Хиршер од Австрија е трет со 380.
Обилните врнежи од снег два пати го одложуваа стартот на трката, за конечно да почне два часа подоцна од предвиденото на скратена патека поради видливоста. Еден од класиците во спустот минатата сезона беше запрен поради силни ветрови и Интернационалната скијачка федерација (ФИС) не сакаше повторно да го стори тоа. Но, откако првите 11 стартери успеаја безбедно да ја поминат патеката, повторно падна магла врз нерамната отсечка Камелбукел, принудувајќи го организаторот да ја прекине трката половина час. |