17.12.2012, 13:38 Работнички му врачи отказ на Лазовски
Слабите резултати, особено последниот пораз од Кожуф е причината поради која челниците на „црвено-белите“ одлучија да ја прекинат соработката
На едно коло пред крајот од првиот дел на сезоната, управата на Работнички одлучи да му даде отказ на досегашниот шеф на стручниот штаб Марјан Лазовски.
Слабите резултати, особено последниот пораз од Кожуф по кој најтрофејниот клуб во Македонија под знак прашалник го стави својот влез во Суперлигата е причината поради која челниците на „црвено-белите“ одлучија да ја прекинат соработката со човекот кој е еден од најзаслужните што Работнички минатата сезона успеа да остане во прволигашкото друштво и покрај големата финансиска криза.
Во последното деветто коло на гостувањето кај Лирија тимот ќе го предводи помошниот тренер Влатко Владичевски, по што управата на клубот паузата ќе ја искористи за ангажирање нов стратег.
По осум одиграни натпревари Работнички има скор од четири победи и порази и со 12 бода е на шестото место на табелата (кое не ветува пласман во Суперлигата) зад Фени индустри, Струмица, Лирија, Куманово и Кожуф.
Во секој случај, тимот од „Градски парк“ и во ваква ситуација ќе има доволно време за поправен особено ако се земе предвид дека вториот дел од сезоната, поточно реванш-натпреварите продолжуваат во февруари. (М.К.)
|