17.12.2012, 15:18 Потврдено учеството на Македонија на „Евросонг“
Економската криза е главна причина за откажувањето на земјите од настап на Евровизија идната година во Шведска
Педесет и осмото издание на Евровизија што ќе се одржи во мај идната година во Малме, Шведска, се соочува со рекорден број земји кои го откажуваат своето учество поради економската криза. Кипар, Португалија, БиХ, Полска, Грција, Словачка и Турција кренаа раце од евровизиската сцена, а до последен момент беше ставено под прашалник и учеството на Словенија, која во пет до дванаесет, сепак, реши да отпатува со свој претставник во Малме.
Како главна причина за откажувањата на своите учества во Шведска повеќето земји ја наведуваат економската криза и скратувањето на буџетите на националните телевизии, но и минатогодишната промена на правилата според кои влијанието од телефонското гласање на финалниот резултат е намалено за 50 отсто, а зголемено е влијанието на жирито. Дел од причината е и тоа што постојаните членки директно одат во финале и имаат повластена улога, што најмногу и' пречи на Турција, која смета дека тоа не е фер спрема останатите учесници.
За разлика од Португалија, Кипар, Словачка, Полска... немаме проблем со економската криза. „Учеството на Македонија е потврдено, а наскоро ќе ги објавиме и деталите околу изборот на претставник и песна која ќе не претставува во Шведска“, ни изјави Мери Попова, шефица на нашата евровизиска делегација.
Дилемата е разрешена, Македонија, дефинитивно, оди на Евровизија, која ќе се одржи од 14 до 18 мај во Малме, Шведска. (К.Ш.)
|