16.12.2012, 13:57 Томислав Османли добитник на наградата „Урбан“
Наградата се доделува за неговата долгогодишна и континуирана дејност во негување на урбаните вредности и традиции на поголем број креативни полиња
Томислав Османли е добитник на годинашнава награда „Урбан“ што ја доделува „Урбаниот Институт – Скопје“ за афирмирање на македонската урбана култура.
Наградата се доделува за неговата долгогодишна и континуирана дејност во негување на урбаните вредности и традиции на поголем број креативни полиња, вклучувајќи ги и урбаните книжевни вредности на неговото најново остварување, романот „Зад аголот“, кој беше неодамна промовиран пред читателската публика.
Одлуката за наградата ја донесе Редакцијата на „Урбан Институт – Скопје“ и минатогодишните добитници Васил Тоциновски (професор на Универзитетот во Риека) и Петер Петрески (директор на ЈОУ „Борка Талески“ од Прилеп).
Со своето творештво посветено на негувањето на урбаната култура, Томислав Османли поставува основа за понатамошно истражување и развивање на стрипот, кој засега е на маргините на македонската култура.
Османли е автор на неколку играни сценарија, истакнат драмски автор, добитник на повеќе значајни награди и признанија. Неговата студија „Филмот и политичкото“ (1981) се бележи како првата теоретска книга посветена на Седмата уметност, урбаните есеи „Медиумот што недостасува“, како и теоретската книга „Стрип запис со човечки лик“ (1987 и 2002) која е се уште единствена книга посветена на Деветтата уметност во Македонија, придонесуваат за развојот и унапредувањето на македонската урбана мисла. |