Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Онлајн Магазин
12.12.2012, 15:46

Славење на хорската уметност во МОБ

Вечерва ќе се одбележат и јубилеите: 45 години од основањето на Детскиот хор „Развигорче“, 40 години „Женски младински хор“ и 35 години од формирањето на Детскиот хор „Изворче“

Тина Иванова

Еден од доајените на македонската хорска уметност, маестро Запро Запров, годинава одбележува значаен јубилеј - 40 години активно присуство на домашната и на меѓународната хорска сцена. Тоа е поводот за вечерашниот концерт што ќе се одржи на големата сцена во Македонската опера и балет со почеток во 19,30 часот, организиран од Запров и хорот „Рустико“. Настанот ќе биде збогатен и со изложба, а ќе ги одбележи јубилеите - 45 години од основањето на Детскиот хор „Развигорче“, 40 години „Женски младински хор“ и 35 годи��и од формирањето на Детскиот хор „Изворче“.

На концертната вечер во МОБ, покрај хоровите на маестро Запров, ќе настапат и неговите надворешни соработници: детскиот хор „Лале“ и Градскиот женски младински хор „Менада“ од Тетово, под водство на диригентот Ивица Зориќ, потоа Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“, под водство на Летка Димовска-Полизова, Женскиот младински хор при МКЦ, под водство на Сашо Татарчевски, како и мешаниот хор „Кочо Рацин“, под водство на Марија Андонова.

Богата е биографијата на маестро Запро Запров. Тој е добитник на 111 награди и признанија, од кои 54 интернационални и 57 државни. Зад себе брои повеќе од 2.500 настапи и над илјада минути трајни аудио и видеозаписи, околу 20 радио и ТВ-емисии, околу 700 изведени вокални, инструментални и вокално-инструментални дела од светската музичка литература. Освен во Македонија, Запров настапувал во повеќе од 30 држави во светот. Повеќе од 20 години беше селектор, композитор и аранжер на фестивалот на детска песна „Златно славејче“. За својата исклучителна творечка дејност, добитник е на државната награда „11 Октомври“, за особен придонес во областа на уметноста и културата.

Маестро Запров, за четиридецениското славење на хорската сцена, вели: „Ова е чувство на исполнетост на еден животен век се' уште активен. Да се слави четиридецениски јубилеј е потврда на таа исполнетост. Тие години на активно, полнокрвно дејствување на сцената на културата и уметноста, покрај тоа и јас како личност да се надградувам, овозможија многу личности кои поминаа низ хоровите, односно деца, да се изградат во доблесни личности, доблесни граѓани, врвни уметници, интерпретатори, културни дејци и прекрасни граѓани. Тој ентузијазам што го наметнав како неопходност во постигнување врвни резултати кај тие личности го вградуваат во севкупното нивно дејствување во општеството. За мене, тоа е најголемо признание и тоа ми дава за право да чувствувам наполна исполнетост од моето опстојување “, вели диригентот.

Инаку, Детскиот хор „Развигорче“ е најнаградуваниот хор на сите времиња во Македонија. Го формирал еден од доајените на хорската уметност во Македонија, маестро Драган Шуплевски, во 1966-1967 година, како прв хор за деца од 10 до 16-годишна возраст, а речиси од самиот почеток маестро Запров е вклучен во работењето со хорот, за подоцна да стане и негов уметнички раководител. Женскиот младински хор, пак, формиран во 1972 година, исто така, од страна на Шуплевски, под водство на Запров во чии рамки се вклучува во 1974 година, постигна многубројни домашни и меѓународни успеси. Во 1977 година, Запро Запров го основа детското хорче „Изворче“, во кое се' до 1983 година членувале деца од 7 до 11-годишна возраст. Во 2000 година тој го возобнови хорот во рамките на хорското студио „Рустико“.

Љубителите на уметноста, покрај тоа што ќе имаат можност вечерва да слушаат хорски дела од македонската и странската литература, ќе можат да погледнат и дел од ликовниот опус на маестро Запров, кој зад себе има четиринаесет самостојни изложби, а учествувал и на голем број меѓународни ликовни колонии. Тој е автор на околу четиристотини ликовни дела изработени во повеќе техники и сопствена оригинална техника - черга.


Статијата е прочитана 349 пати.


Испрати коментар



„Зад аголот“ - нов роман на Томислав Османли
Во Велес премиера на „Ноќите во бел сатен“
Изложба на група уметници во „Мала станица“
Виртуозот на флејта Филип Бернол настапува со Филхармонија

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

    


Site Meter


Време
Скопје, -16°C

Магла

Петок
Претежно облачно
Макс: 1°C, Мин: -5°C

Сабота
Делумно облачно
Макс: 2°C, Мин: -1°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
Фељтон
Јованка Броз –Титова Совладетелка (27)
Плачот на Х Конгрес на СКЈ.„Утрински весник“ специјално за своите читатели во целост ги објавува сите 50 продолженија на фељтонот „Јованка Броз-Титова совладетелка“
Настани
Во Русија подароците ги носи бабушка, а во Финска- џуџиња
Секое семејство има свои обичаи: како прославуваат луѓето во Венецуела, Кина или во Русија?...

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |