13.12.2012, 15:38 Никој не купува акции на „Топлификација“
Акционерите бараат да бидат информирани за можните сценарија за расплет на актуелната ситуација, а не за тоа да решаваат само Управниот и Надзорниот одбор
Откако „Топлификација“ информира дека ги вратила лиценците и системот и фирмите-ќерки ги понуди под закуп, никој не купува акции од оваа компанија. Последната трансакција била направена на 29 ноември, еден ден по објавувањето на оваа информација, како ценовно чувствителна.
Цената на една акција тогаш изнесувала 1.700 денари.
Брокерите велат дека понуда има, но нема побарувачка. Ако се земе периодот од два месеца наназад, ќе се види дека од 1.900 денари, цената на акциите на „Топлификација“ сега е падната за околу 200 денари, но во меѓувреме тие се спуштиле и до 1.550 денари по акција.
Токму поради овие состојби, но и многубројните шпекулации во јавноста, акционерите на „Топлификација“ бараат поголема транспарентност за состојбите во компанијата. Дел од акционерите велат дека немаат никакви информации, освен кратките соопштенија што ги објавува компанијата на веб-страницата на Македонската берза.
Тие прашуваат како ќе се развива целата ситуација, мислејќи на одлуките кои последниве денови ги презема менаџерскиот тим на фирмата за враќање на лиценците и давање под закуп на целиот бизнис.
Нив не им е јасно што ќе се постигне со враќањето на лиценците, и доколку се случи тоа, што ќе работи потоа компанијата. Поради неизвесност кај акционерите кои подолго време инвестирале во акции и од кои очекувале принос, тие бараат да бидат информирани за можните сценарија за расплет на актуелната ситуација, а не за тоа да решаваат само Управниот и Надзорниот одбор. Акционерите бараат да биде свикано Собрание на акционери, на кое ќе ги дознаат деталите.
Од Македонската берза, пак, велат дека „Топлификација“ како суперкотирана компанија досега ги исполнувала законските обврски за објавување информации, но тие не навлегуваат на кој начин го прави тоа компанијата и колку тоа го задоволува интересот на акционерите. (С.М.)
|