14.12.2012, 15:09 Укината ослободителната пресуда за Васил Тупурковски
Одбраната на Тупурковски е на став дека и на претстојниот, трет судски процес ќе ја докажат неговата невиност
Скопскиот Апелациски суд ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1- Скопје со која Васил Тупурковски и Јован Андонов беа ослободени од обвинувањата за злоупотреба на службената положба и овластување.
Одлуката на скопска Апелација веќе им е испратена на сите странки во предметот и како што неофицијално се дознава, повисокиот суд не нашол некои битни повреди во постапката, но сепак, наложил ново судење за случајот наречен „Тајвански кредити“.
Одбраната на Тупурковски е на став дека и на претстојниот, трет судски процес ќе ја докажат неговата невиност. Тупурковски и Јован Андонов-Реган, некогашни директори на Агенцијата за обнова и развој, ќе треба трет пат да сведочат за „Тајванските кредити“.
На првиот судски процес, во април 2009 година, Тупурковски беше осуден на казна затвор во траење од три години, а требаше да надомести и штета од 88 милиони денари. Тупурковски, солидарно со неговиот заменик Јован Андонов, кој беше осуден на затворска казна од две години, требаше да надомести уште 61 милион денари или се' вкупно 2,5 милиони евра.
Три месеци подоцна, односно во декември истата година, Апелацискиот суд ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење. По изминати три години, односно во февруари оваа година, Тупурковски и Андонов беа огласени за невини. (Љ.С.) |