15.12.2012, 11:46 Македонија убедливо поразена од Полска
Фудбалската репрезентација составена од играчи од домашната Прва лига загуби со 4:1 во пријателски натпревар одигран во турскиот туристички центар Анталија.
Македонската фудбалска репрезентација составена од играчи од домашната Прва лига, вечерва загуби од соодветната селекција на Полска со 4:1 во пријателски натпревар со кој заврши сезоната во двете земји.
Иако првиот гол Полска го постигна по неоправдано досуден пенал, а на вториот му претходеше недозволена „офсајд“ ситуација, сепак заслужено стигна до победата. Полските фудбалери во целост ја имаа контролата на играта, упатија повеќе удари кон нашиот гол, беа подобар тим и докажаа дека нивната лига е далеку поквалитетна од македонската.
Головите за победнич��ата репрезентација ги постигнаа Милик (12.минута), Павловски (23), Једричек (64) и Собота (79).
Единствениот гол за Македонија го постигна Дејан Блажевски на три минути пред крајот на натпреварот. Токму Блажевски беше еден од најдобрите во составот на селекторот Чедомир Јаневски и докажа дека со право конкурира за влез меѓу најдобрите 11.
Натпреварот се одигра во турскиот туристички центар Анталија. Овој пораз за Македонија ќе значи привремен крај на напредок на ФИФА листата на која „црвено-жолтите“ во последните два месеци се искачија од 104 на 83.та позиција.
|