17.12.2012, 14:17 Густата магла го одложи дуелот МЗТ - Цибона
Комесарот за натпреварување во АБА-лигата, Јосип Билиќ, одлучи натпреварот да се одигра в четврток (20,30 часот)
Почетокот на вториот дел од сезоната во АБА Јадранската лига, како и последниот натпревар за МЗТ Скопје пред домашната публика за оваа година фановите на „сино-белите“ наместо утре ќе го проследат в четврток.
Поради густата магла над скопскиот аеродром „Александар Велики“ мечот меѓу македонскиот шампион и Цибона беше одложен, наместо утре тој ќе се одигра в четврток со почеток во 20,30 часот. Имено, авионскиот лет со кој хрватскиот тим требаше да дојде денеска рано наутро (5,50 часот) беше целосно откажан, оваа информација стоеше и на официјалниот сајт на скопскиот аеродром.
И покрај тоа што од раководството на Цибона инсистираа овој дуел да се одигра следната недела, сепак победи опцијата на МЗТ Скопје. Имено, извршениот директор на македонскиот шампион Видоја Секуловски потенцираше дека нивното барање е мечот против Цибона да се одигра ден или два подоцна со тоа што гостите во Скопје би можеле да допатуваат со автобус.
Се чини за комесарот за натпреварување на регионалното натпреварување Јосип Билиќ предлогот на МЗТ Скопје беше најприфатлив, па одлучи да нема подолги одложувања за оваа средба.
„Екипата на Цибона инсистираше мечот да се игра во текот на следната недела, но тоа е неприфатливо бидејќи салата е веќе зафатена за други активности. Наша желба беше мечот да се одложи за еден или два дена, со тоа што противникот би можел во Скопје да допатува и со автобус. На таков начин ние ќе патуваме во Широки каде што следниот викенд го играме последниот натпревар во 2012 година“, ни рече извршниот директор на МЗТ Скопје, Видоја Секуловски, веднаш откако беше официјално потврдено дека мечот е одложен.
За фановите на МЗТ Скопје, но и љубителите на кошарката натпреварот против хрватскиот тим е еден од најинтересните и најпосетуваните пред се' поради фактот дека токму со победа над Цибона избраниците на Словенецот Алеш Пипан ја отворија дебитантската сезона во регионалното натпреварување. Токму поради оваа причина управата на клубот одлучи цената на билетите да ја покачи за 100 денари.
Дамјан и Тоше во петорката на колото
Добрата игра против Крка на Дамјан Стојановски и Тодор Гечевски им обезбеди место во најдобрите пет играчи за 13. коло во АБА-лигата.
Стојановски во триумфот над својот тим учествуваше со 26 поени, седум скока, една асистенција, украдена и четири загубени топки, а додека искусниот центар имаше ефект од 21 поен (7/7 за два поени), девет скока, три асистенции и една украдена топка.
Отпишаниот Шолнок го шокираше Партизан
Фаворитите не ги победуваат секогаш екипите што се во долниот дел на табелата во едно натпреварување. Најновата потврда дека АБА-лигата е доста непредвидлива дојде од тимот на Шолнок, на домашен терен го совлада големиот Партизан со 70:68.
|