12.12.2012, 12:41 Домаќинот на прагот на полуфиналето
Со победата на Србија над Данска од 29:26 на Европското првенство во Србија. Црна Гора, Унгарија и Норвешка обезбедија место во борбата за медалите
Организаторот на јубилејното 10. Европско првенство за ракометарки во Србија ја победи Данска со 29:26 и се приближи на чекор до полуфиналето, за кое во денешното последно коло од групата 1 од главната фаза во Белград ќе биде доволен само бод против Франција. Повеќето српски ракометарки се расплакаа од радост по последниот звук на сирената, кој го означи крајот на емотивниот дуел во арената „Комбанк“. Во него српскиот селектор Саша Бошковиќ влезе со променет систем на игра, во кој плејмејкерот Андреа Лекиќ ја стави на лев бек, младата Кристина Лишчевиќ во средината, а високиот деснорак шутер Билјана Филиповиќ на десен бек. Тоа даде резултат во првото полувреме, во кое домаќинот со голот на пикерот Сања Рајовиќ стигна до највисоката предност од 14:8 во 23. минута. Но, Данките ги консолидираа редовите и во почетокот од второто полувреме дојдоа до пресврт и водство од 19:17 во 37. минута. Двете селекции се менуваа во водство, последните десет минути Данска ги почна со 22:21 во своја полза, но Србија со серија од 4:1 го натера Јан Питлик да побара тајм-аут пет минути до крајот. По него неговите избранички намалија на 25:24, но кога поранешната ѓорчепетровка Јелена Поповиќ од десно крило погоди за 27:24 стана јасно кој ќе ги однесе бодовите.
„Воодушевен сум од мојот тим, бидејќи тие се најдобрите девојки на светот“, не ја криеше радоста селекторот Бошковиќ.
Место во полуфиналето веќе обезбедија Норвешка од групата 1, како и Црна Гора и Унгарија од групата 2 во Нови Сад. Бранителот на титулата Норвешка остана единствена со максимален ефект во досега одиграните пет натпревари на првенството, совладувајќи ја Шведска со 28:25 и со тоа го елиминира европскиот вицешампион од битката за медалите. Норвежанките ќе бидат први во белградската група без разлика на денешниот меч со Данска, која може до полуфиналето само со победа над шампионот денеска, комбинирана со триумф на Франција над Србија. Данките при таков расплет би имале ист број бодови со Французинките, но би биле во предност поради победата во меѓусебниот дуел во Ниш.
Олимпискиот вицешампион Црна Гора можеше да си дозволи и неочекувано висок пораз од 27:20 против Германија, а Унгарките меѓу четирите најдобри се најдоа со уверливата победа од 25:19 над конкурентот Романија.
РУСИНКИТЕ РЕДАТ НЕРЕШЕНИ
Група 1, второ коло: Чешка - Франција 22:24, Норвешка - Шведска 28:25, Србија - Данска 29:26. Табела: Норвешка 8, Србија 5, Данска 4, Франција 4, Шведска 3, Чешка 0. Последно коло, денеска: Чешка - Шведска (16,10 ч.), Србија - Франција (18,10 ч.), Норвешка - Данска (18,10 ч.).
Група 2, второ коло: Шпанија - Русија 25:25, Германија - Црна Гора 27:20, Унгарија - Романија 25:19. Табела: Унгарија 6, Црна Гора 6, Германија 3, Шпанија 3, Русија 3, Романија 3. Последно коло, денеска: Шпанија - Црна Гора (16,15 ч.), Германија - Романија (18,15 ч.), Унгарија - Русија (20,15 ч.).
|