14.12.2012, 15:32 Хорот на ФМУ „Драган Шуплевски“ награден на натпревар во Краков
Хорот настапи со духовни композиции од повеќе автори, како Аренски, Михаел Хајдн, Гаспарини, Брукнер, Архангелски, Твардовски, Грубер, Гречанинов, Арво Парт, Чајковски, Кедров, Бритн
Хорот „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност предводен од проф. Сашо Татарчевски е награден на интернационален хорски натпревар за духовна музика што се одржа во Краков, Полска, од 7-ми до 9 декември. Хорот освои златна диплома и „Златен ангел“ за освоено прво место.
Настапил со духовни композиции од повеќе автори, како Аренски, Михаел Хајдн, Гаспарини, Брукнер, Архангелски, Твардовски, Грубер, Гречанинов, Арво Парт, Чајковс��и, Кедров, Бритн...Во конкуренција биле хорови од повеќе европски држави, како и од Сингапур, Јужна Африка, Јапонија...
- Коментарите и забелешките на жирито беа во суперлативи - „Убаво избалансирана програма“, „Музикални, стилски издржани и интересни интерпретации“, „Кристално чиста интонација“, „Вистински тајминг и прецизна ритмика“, „Огромен динамички дијапазон“, „Беспрекорна комуникација меѓу диригентот и ансамблот“, „Комплетно ангажирани хористи“..., рече диригентот Татарчевски на прес-конференција.
Хорот „Драган Шуплевски“, кој има околу 60 членови, на 24 декември во црквата „Св. Богородица“ во Скопје ќе одржи вечерен концерт на кој ќе биде изведен дел од програмата со која настапиле на натпреварот во Краков.
Деканот на ФМУ Гордана Неделковска-Јосифова на прес-конференција информираше и за освоени прва и втора награда од двајца студенти на ФМУ на натпреварот за соло-пејачи „Никола Цвејиќ“ во Рума, Србија, на 1 декември. Наградени се Живе Кремшовски и Ангелка Гајтановска од класата на Весна Ѓиновска-Илкова.
Студенти од новата студиска програма за популарна музика при ФМУ и членови на Биг бендот на факултетот, в понеделник во Македонската опера и балет заедно со нивните професори ќе одржат концерт на поп, рок и џез-музика.
Кире Костов, раководител на Биг бендот на ФМУ, рече дека програмата е новогодишна и ќе опфати популарни џез-композиции, популарна музика од светски автори, аранжирани од домашни автори.
|