16.12.2012, 13:39 Клосе му пресуди на Интер
Германецот од Лацио во 82. минута го постигна единствениот гол во дербито во Рим
Со својот гол во завршницата од натпреварот, Мирослав Клосе му донесе победа на Лацио од 1:0 над ривалот за титулата Интер во дербито на колото од италијанската Серија А. Германскиот интернационалец погоди во 82. минута и со десеттиот погодок сезонава го искачи Лацио на четвртото место со 33 бода, а второпласираниот Интер пропушти шанса со победа да му се доближи на само еден бод на водечкиот Јувентус.
Дефанзивците доминираа во првиот час од мечот во Рим и првата вистинска шанса за гол дојде дури во 63. минута, кога Фреди Гварин, најдобар во разочарувачкиот напад на Интер на оваа средба, ја погоди стативата. Четири минути подоцна Антонио Касано ја погоди истата статива од речиси истата позиција, откако топката по неговиот удар ја закачи г��лманот на Лацио, Федерико Маркети. Уште една можност за Интер пропушти Федерико Паласио, чиј шут заврши малку над рамката на голот.
Единаесет минути до крајот Клосе ја испушти шансата на натпреварот, кога не ја смири топката околу белата точка, каде што се најде непречен од никого. Три минути подоцна тој надомести кога уфрлувањето од Стефано Маури го претвори во погодок со силен удар покрај гостинскиот голман Самир Хандановиќ.
Палермо во Удине поведе во 33. минута преку Јосип Иличиќ. Сепак, иако Удинезе играше со фудбалер помалку речиси половина час по вториот жолт картон за Томас Хојрто, бод му донесе Антонио ди Натале во 89. минута. |