12.12.2012, 13:22 Ѓоковиќ и Серена „светски шампиони“
Интернационалната тениска федерација (ИТФ) ги објави добитниците на годишната награда „Светски шампиони“ во машкиот и во женскиот тенис
Овој пат лауреати се Новак Ѓоковиќ и Серена Вилијамс. Српскиот тенисер го освои Австралијан опен, играше во финале на Ролан Гарос и на Ју-Ес опен и освои уште пет други турнири, вклучувајќи го АТП-финалето во Лондон.
„Горд сум што сум прогласен за ИТФ светски шампион втора година едноподруго. Беше тешко да се следи успехот од минатата сезона, но неизмерно е задоволството уште еднаш да освоите грен-слем титула и повторно да ја завршите годината како број еден“, изјави Новак, кој досега собра пет трофеи од големите турнири.
Дека првото место не е главна мерка за успех потврдува признанието за Серена Вилијамс. Помладата сестра беше незапирлива во втората половина од 2012 година, освојувајќи го Вимблдон, злато во сингл и во двојки на ОИ во Лондон, како и на УС опен.
„Многу ми значи што ИТФ веќе трет пат ми ја доделува оваа награда. Оваа година беше неверојатно искуство и едвај чекам да имам една неверојатна 2013“, рече 31-годишната освојувачка на 15 грен-слем титули.
Американците Боб и Мајк Брајан деветти пат во последните десет години добија признание за „Светски шампиони“ во машки двојки, благодарение на првото Олимписко злато. Во истата категорија кај дамите, освојувачи се Сара Ерани и Роберта Винчи, победничките на Ролан Гарос и на Ју-Ес опен.
|