12.12.2012, 14:32 (ФОТО) Светот може да биде подобар
Промовирана книгата на д-р Срѓан Керим „Потрага по подобар свет“, важно четиво за разбирање на глобализацијата
ФОТО: Петр Стојановски
Дипломати, познати јавни личности, општествени аналитичари и пријатели го наполнија денеска напладне амфитеатарот во новата зграда на Министерството за надворешни работи за промоцијата на книгата на Срѓан Керим „Потрага по подобар свет“, за да го поздрават ова издание кое е исклучително специфично, па може да се каже и единствено во македонското издаваштво.
Книгата на Керим, која е сублимат на десетиците години што тој ги помина во диплматијата, е „своевиден куриозитет“, како што нагласи Винка Саздова, главниот уредник на издавачката куќа „Три“, преку која јавноста се запозна со размислувањата и идеите на претседателот на 62-рото Генералното собрание на ОН, за подобрување животот и функционирањето на планетава.
„Светот се подготвува за своето исчезнување, а Керим се бори за подобар свет“, рече Саздова, сакајќи да го спореди предвидувањето за пропаста на планетава со борбата што треба да се води секој ден за да се живее подобро на секое катче на Земјата.
Оценувајќи ја содржината на книгата, која е составена од 11 поглавја и во кои се зборува за глобализацијата, мултилатерализмот, Обединетите нации, климатските промени, јавната дипломатија... министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој беше еден од промоторите, нагласи дека четивото што го напиша Керим е „одмерено и вешто и тој несебично ги споделува своите размислувања и искуството кога беше кормилар на коалицијата од 192 држави“.
Според Попоски, најфасцинантен е делот во кој Керим го опишува комплексниот систем на раководење и одлучување во мрежата на светските институции. „Многу е лесно да се претстават проблемите. Посложено е да се понудат решенија“, рече Попоски, пофалувајќи ја книгата токму во тој аспект.
Другиот промотор, амбасадорот Арсим Зеколи, изјави дека Керим е сосема во право кога пишува оти Обединетите нации имаат постигнато неверојатни успеси од нивното формирање по Втората светска војна. Но, дека мора да се најдат нови решенија за меѓународниот поредок. „Светот уште функционира врз стариот начин на донесување одлуки од времето на идеолошките поделби“. Според него, светот се соочува со едно од своите премрежија и книгата на Керим е „драгоцен придонес за разбирање на глобалниот свет“ и нагласи дека не можат да исчезнат мотивите за градење оптимизам.
Објаснувајќи ги мотивите кои го воделе да ја напише книгата, Срѓан Керим, ја потенцираше улогата на Обединетите нации, кои беа создадени со цел да се избегнат војните и конфликтите. „Човештвото би било плитка бара ако луѓето не живееле, не се бореле и не гинеле за идеали и ги немало државниците кои успевале да ги остварат тие визии“. Во тие визии, според него, најважно е да се избегнат војните, затоа што тие носат огромни страдања.
„Денес на светот му е потребна рамнотежа на интереси, а не рамнотежа на сили. Само така може да оди напред глобалниот свет“, го објасни своето кредо Срѓан Керим, кое го водело да ја напише книгата „Потрага по подобар свет“ и да и' ги понуди на јавноста своите визии како може да функционира човештвото во мрежата на институциите, организациите, интересите и копнежите. (Љ.П.)
|