12.12.2012, 13:22 Владата најголем сопственик во ЕМО
Владата стана сопственик на над 51,5 отсто од капиталот на ЕМО АД - Охрид откако компанијата издаде акции со кои го преби долгот кон државата во износ од 4,16 милиони евра. Ова беше направено врз основа на Законот за трансформација на обврските на ЕМО АД и капитално поврзаните друштва по основа на јавните давачки во траен влог во акции на Владата, а барањето за ваквиот чекор претходно го одобри Комисијата за хартии од вредност, која дозволи трета емисија акции за познат купувач.
Со решение на КХВ од 27 ноември 2012 година се одобри издавање трета емисија на акции во износ од 143.934 обични акции по номинална вредност од 30,68 евра. Ова значи дека долг на ЕМО АД кон Владата, во износ од 4,16 милиони евра, е претворен во акции.
Вкупниот број акции на компанијата од трите емисии изнесува 758.860. Од нив, Владата поседува 391.219 акции, односно 51,55 отсто од вкупниот број. Ваква трансформација на долговите во акции беше направена и во другите државни загубари, како што се Тутунскиот комбинат од Прилеп и ОХИС. (Ек.Р.) |