12.12.2012, 15:30 Македонија е во жолта фаза на студен бран
Владата усвои акциски план за заштита на граѓаните од студеното време
Зимата од изминатиов викенд почна да покажува заби, па Владата истапи со Акциски план со мерки кои ќе ги превенираат штетните влијанија и последиците од студеното време. Според Планот, во кој има три основни фази, Македонија моментално е во првата, жолта фаза на студен бран.
„Планот има сила на законска одредба и предвидува определени обврски како за државните институции, така и за приватниот сектор, бидејќи во него се дефинирани постапките на приватните субјекти за организирање работно време во услови на студен бран“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Мерките и активностите се предвидени низ три основни и една подготвителна фаза, кои ќе бидат координирани преку повеќе институции и граѓанскиот сектор. Определувањето на фазата ќе зависи од висината на моменталната температура поединечно во секој регион во државата, а работодавачите ќе ја организираат работата во посебен режим.
Жолтата фаза ќе продуцира состојба на предупредување и препораки до јавноста. Односно, се дава налог за активирање на здравствените, образовните и социјални установи и поактивен пристап кон старите, социјално загрозените, бездомниците.
„Втората, портокалова фаза на студен бран предвидува препораки за ослободување од работни места на лица постари од 60 години, бремени жени, скратување и реорганизација на работното време“, рече Ѓорѓиев, објаснувајќи дека ова предвидува и дотур на храна и лекови, огрев, здравствена помош, обезбедување прифатилишта. Посебен акцент тука е ставен на заштитата на оние што работат на отворено.
Последната црвена фаза, односно фазата на екстремно ниски температури предвидува обезбедување проодност на транспортната инфраструктура и чистење на тротоари и патеки што ќе биде во координација со Министерството за транспорт и врски, потоа обезбедување прифатилишта за бездомници, специфични акции за ранливи групи, како и дополнителни мерки во однос на работното време за одредени сектори. При оваа фаза предвидено е и прогласување кризна состојба и активирање на Републичкиот план за заштита и спасување од природни непогоди. (Б.Ш.) |