13.12.2012, 20:01 Борисов не му кажал на Обама за ветото
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, при неодамнешната средба со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон, не го отворил прашањето за Македонија и не најавил дека Бугарија ќе го блокира отворањето на преговорите за Македонија.
Од високи американски дипломатски извори, упатени во разговорите на Обама и Борисов, МИА дознава дека ние не сме биле тема на разговор, на инаку кусата средба. Според нашите извори, прашањето на Европскиот Совет во целина, и стратегијата на проширувањето на ЕУ кон Балканот, не фигурираат високо во моменталната агенда во Вашингтон.
Одлуката на Бугарија дојде десетина дена по посетата на Борисов на Вашингтон, каде допатува со целата свита – министрите за внатрешни, надворешни работи и за одбрана. Неговата десна рака, министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов, беше во неколкудневна подготвителна посета пред доаѓањето на Борисов. На средбата со Барак Обама, американскиот претседател го прогласи Борисов за лидер на Балканот.
- Знам дека премиерот е заинтересиран за низа реформи кои водат кон создавање на отворена и транспарентна Влада, кон подобрување на трговијата меѓу нашите две земји, и е лидер на Балканот во движење напред на интеграцијата со Европа и со остатокот на светската економија, изјави Обама пред средбата со Борисов.
|