16.12.2012, 16:00 Неприфатливо високи надоместоци на ММИ
Министерството за култура смета дека е неприфатлива висината на надоместоците според актуелната Тарифа на ММИ, имајќи ги предвид општите економски состојби во државата
Министерството за култура, по извршениот увид во актите на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „ММИ“ – Скопје, препорача во Статутот на оваа организација таксативно да се разграничат случаите кога ММИ за покривање на трошоците за работа може да користи средства до 20 проценти од прибраните надоместоци, од случаите за кои ММИ за покривање на трошоците за нејзината работа може да користи средства во износ не повеќе од 30 проценти. Во Статутот не е направено такво разграничување, што според Министерството ја доведува во прашање законитоста на идната распределба на средствата.
Исто така, во соопштението на Министерството е потенцирано дека статутот на ММИ не содржи прецизни одредби во однос на надлежноста на Собранието на организацијата за донесувањето на општите акти на ММИ, а особено во однос на донесувањето на Тарифата за фонограми и изведби, при што препорачува таксативно да се наведат општите акти кои ги донесува Собранието на ММИ.
Што се однесува до Правилникот за распределба на надоместоци, Министерството за култура истакна дека со оглед на тоа што во дадениот момент ММИ нема основ да собира средства за странските носители на права, ова право одложно да се применува се' до создавањето правни услови. Додека, во однос на тарифата за фонограми и изведби Министерството смета дека нејзиното донесување треба да биде од заемен интерес на носителите на правата, корисниците и пошироката општествената заедница. Во таа смисла во нивното соопштение се вели дека Министерството за култура целосно го респектира законското право носителите на правата од користењето на својот труд и сопственост да остваруваат свои приходи, но исто така го уважува и фактот дека поддршката на корисниците е основен предуслов за остварување на нивната дејност и права.
Според Министерството за култура како надлежен орган за авторското право и сродните права, неприфатлива е висината на надоместоците утврдени со актуелната Тарифа на Организацијата на ММИ, имајќи ги предвид општите економски состојби во државата и лимитираниот опсег на примена на Тарифата само на домашните носители на правата. Тие, исто така, ја информираат јавноста дека Тарифата согласно Законот, се применува интервентно и одложено, само во случај кога не се склучени Договори меѓу ММИ и корисниците, па во таа насока Министерството за култура апелира до Организацијата ММИ и до корисниците да преговараат, односно договорно да ги регулираат меѓусебните права и обврски.
Министерството за култура информира и дека започна со постапка за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права, во насока на подобрување и допрецизирање на постојните законски решенија за колективно управување со авторското право и сродните права. |