12.12.2012, 13:14 Почина руската оперска дива Галина Вишњевска
Вишњевска има добиено многубројни награди и општествени признанија, а во Франција го добила и Орденот за книжевност и литература, како и Орденот на легија на честа
Руската оперска пејачка Галина Вишњевска, вдовица на славниот виолончелист и диригент Мстислав Ростропивич, почина вчера во Москва на 87-годишна возраст.
Вишњевска ја започнала кариерата во средината на 1940-тите години во Ленинград, а во 1952 година била избрана меѓу стажистите во Бољшој театарот иако се' уште не го завршила конзерваториумот. Подоцна таа стана главна ѕвезда на овој познат театар и оперска куќа. Како извонреден сопран се паметат нејзините изведби во оперите: „Тоска“, „Аида“, „Војна и мир“, Евгениј Онегин“, а во текот на својата кариера настапувала и на најпрестижните сцени низ светот.
Вишњевска заедно со својот сопруг била протерана од советските власти и емигрирала во САД поради поддршката која тие му ја давале на писателот и дисидент Александар Солженицин. Во тоа време, во 1970-тите години, им било и одземено руското државјанство поради, како што стоело во официјалното образложение, „систематските активности насочени кон уривање на угледот на советското општество“. Во 1990 година тие ќе бидат официјално рехабилитирани, а Вишњевска станала професорка на Московскиот конзерваториум.
Покрај успешната педагошка кариера, таа го основала и Центарот за оперско пеење, кој годинава ја слави својата десетгодишнина. Вишњевска има добиено многубројни награди и општествени признанија, а во Франција го добила и Орденот за книжевност и литература, како и Орденот на легија на честа. Додека претседателот Владимир Путин на 1 декември и' го врачил Орденот за заслуги за татковината од прв степен.
|