13.12.2012, 14:40 „Волмарт“ сака да го купи турски „Мигрос“, или „Рамстор“
Најголемиот синџир на супермаркети на светот по нивото на продажба, „Волмарт“ од САД, е во преговори да го купи мнозинскиот удел од турската компанија „Мигрос“, која, пак, е сопственик на синџирот супермаркети во земјава „Рамстор.“
Зделката се проценува на над 4 милијарди долари, а „Мигрос“ има 888 супермаркети, хипермаркети и дисконтни продавници во Турција, а покрај Македонија има продавници и во Азербејџан, Казахстан и Киргизистан.
Според податоците од пред 4 години, компанијата тогаш вработуваше 14.800 лица. Во Македонија „Рамстор“ има 7 супермаркети (3 во Скопје, 3 во Тетово и 1 во Струга) и најголем дел од нив се отворени во последниве 2-3 години. „Мигрос“ котира на берзата во Истанбул и беше дел од најголемата компанија во Турција „Коч Холдинг“. Но, лондонската приватна инвеститорска куќа „БЦ Партнерс“ во 2008 година купи удел од 51 отсто во „Мигрос“, а сега поседува 80 отсто од акциите. Ваквата зделка ќе го прошири присуството на „Волмарт“ на пазарите во развој.
|