16.12.2012, 15:52 Повторно преку Шпанките до мундијалот
Македонија ќе биде домаќин на првиот натпревар со „фуријата“ на 1/2 јуни
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Шпанија повторно и' стои на патот до мундијалот на женската ракометна репрезентација на Македонија. Како и во претходниот циклус квалификации за Светското првенство 2011 во Бразил, денешната ждрепка во Белград и' ја додели на Македонија „црвената фурија“ за противник во баражот за СП 2013 во Србија. Избраничките на селекторот Гино Стрезовски ќе бидат домаќини на првиот натпревар на 1/2 јуни, а реваншот е една недела подоцна во Шпанија.
„Шпанија е многу сериозна репрезентација, но не и противник што не може да се победи. Во претходниот бараж за СП 2011 одигравме на еднакво рамниште со нив во двата меча, иако не' елиминираа“, беше првата реакција на Стрезовски по дознавањето на рива��от. „Ова ни дава нова сила и мотивација. Ги избегнавме големите имиња од типот на Франција, Русија, Романија, Германија. Ако се комплетираме со Елена Ѓорѓиевска и со Даниела Новеска, овој тим ќе биде подготвен за тие два исклучително важни натпревара. Се надевам дека во следните два-три месеца ќе решиме многу нешта во врска со националниот тим и оти во јуни ќе бидеме на вистинскиот пат“.
Шпанија го освои 11. место на Европското првенство во Србија што заврши денеска и на кое Македонија ја зазеде последната позиција во конкуренција на 16 селекции. Шпанките беа втори во групата од првата фаза во Нови Сад, каде што ги совладаа Германија со 23:20 и Хрватска со 25:21, а загубија од Унгарија со 32:31 во последното коло. Во вториот круг, пак, ремизираа 25:25 со Русија и беа поразени од Романија со 31:26 и од Црна Гора со 27:23.
Во првиот меѓусебен дуел во баражот за ланскиот мундијал Шпанките славеа со 37:22 во Аликанте, а Македонките се реваншираа со 24:21 во Скопје. Македонија беше два пати подобра (28:22 тука и 26:20 таму) во квалификациите за СП 1997 во Германија, златната македонска генерација беше подобра и на ЕП 1998 во Холандија, кога славеше со 27:22.
Најголемиот успех на шпанскиот женски репрезентативен ракомет е сребрениот медал на ЕП 2008 во Македонија, кога во финалето загубија од Норвешка.
Другите двојки за баражот за СП 2013 се: Турција - Данска, Исланд - Чешка, Холандија - Русија, Словачка - Романија, Германија - Украина, Шведска - Полска и Франција - Хрватска. Бранителот на трофејот Норвешка и домаќинот Србија се автоматски пласирани, како и полуфиналистите на ЕП, Црна Гора и Унгарија. Шампионатот в година во Србија ќе се одржи од 7 до 22 декември.
НОРВЕЖАНКАТА ЕДИН МВП НА ЕП
Ања Един од Норвешка е прогласена за најдобар играч на Европското првенство во Србија. Црногорката Катарина Булатовиќ е најдобар стрелец со 48 гола, а најдобар одбранбен играч е Германката Ања Алтхаус.
Идеалната седморка ја сочинуваат голманката Катрине Лунде Харалдсен од Норвешка, левото крило Полина Кузнецова од Русија, левиот бек Сања Дамњановиќ од Србија, плејмејкерот Андреа Лекиќ од Србија, пикерот Хајди Локе од Норвешка, десниот бек Катарина Булатовиќ од Црна Гора и десното крило Јованка Радичевиќ од Црна Гора.
ДАНКИТЕ ПЕТТИ ВО ЕВРОПА
Со победата над Русија од 32:30, Данска го освои петтото место на јубилејното 10. ЕП во Србија. За титулата синоќа се бореа Норвешка и Црна Гора во реприза на финалето од Олимписките игри во Лондон, а за бронзениот медал играа Унгарија и домаќинот Србија. Норвежанките во полуфиналето ги декласираа Унгарките со 30:19, а Црногорките славеа со минимални 27:26 против Србинките. |