16.12.2012, 13:30 Видиќ се врати, Јунајтед уверлив
Водечкиот тим во лигата го совлада дома Сандерленд со 3:1, Србинот првпат заигра по септември
Водечкиот Манчестер јунајтед ја зачува предноста од шест бода на врвот на табелата во Премиер-лигата со победата од 3:1 над Сандерленд на „Олд трафорд“. Тимот на сер Алекс Фергусон си ја обезбеди лидерската позиција на Божик благодарение на доминацијата во првото полувреме, во кое прекрасни голови постигнаа Робин ван Перси и Том Клеверли. Вејн Руни додаде уште еден во вториот дел, а почесниот погодок за гостите против својот поранешен тим го постигна Фрејзер Кемпбел. Мечот е значаен за Јунајтед и по враќањето на Немања Видиќ, кој влезе во игра во 68. минута во својот прв натпревар по септември.
Шампионот Манчестер Сити ја продолжи потерата по лутиот градски ривал, останувајќи најблизок гонител со победата од 3:1 против Њукасл на „Сент Џејмс парк“. Јаја Туре се врати во тимот и со голот во 78. минута ја уништи побудената надеж за пресврт на екипата на Алан Пердју по голот на Демба Ба во 51. минута, откако првото полувреме им припадна на „граѓаните“ со 2:0. Резултатот го отвори Серхио Агеро во 10. минута, а зголеми Хави Гарсија во 39. минута, но Сити можеше да води и со поголема разлика со оглед на шансите што ги создаде во првиот дел.
Со резултат 3:1 заврши и натпреварот на „Енфилд роуд“, каде што Астон Вила славеше против Ливерпул. Кристијан Бентеке со своите два гола беше најзаслужен за само втората победа на гости на Вила сезонава. Определбата на тимот на Пол Ламберт шансата да ја бара во противнападите се исплатеше по одбивањето на домашните напади, поведувајќи во 29. минута преку белгискиот напаѓач Бентеке. Тој учествуваше и при постигнувањето на вториот погодок, додавајќи му на Австриецот Андреас Вајман, а самиот ја запечати судбината на Ливерпул со уште еден гол во 51. минута. Домашниот капитен Стивен Џерард само го ублажи поразот три минути пред крајот. |