14.12.2012, 13:27 Гут најбрза во спустот во Вал Дизер
Швајцарката се прослави на 17 години со освојувањето на сребрениот медал во спуст на Светското првенство 2009 во истиот француски скијачки центар
Исклучителниот талент на Лара Гут, конечно, дојде до израз во вчерашниот спуст во Вал Дизер, каде што Швајцарката ја забележа својата прва победа во оваа дисциплина во Светскиот куп. Гут, која се прослави на 17 години со освојувањето на сребрениот медал во спуст на Светското првенство 2009 во истиот француски скијачки центар, но на друга писта, стигна до триумфот со 1:19,75 минути. Од 2009 година наваму таа има победи во супервелеслалом, но во 2010 паузираше поради повреда на ципите.
На 21-годишната скијачка и' помогнаа околностите на скратената патека погодна за нејзините вештини, нискиот стартен број и' овозможи да се пушти по патеката додека видливоста беше добра, а на рака и' одеше и неочекуваната елиминација на Линдзи Вон. Победничката на сите четири трки во брзинските дисциплини сезонава падна во вториот дел од патеката и заврши во заштитната мрежа.
Честа на САД ја спаси Лин Смит, која заостана 16 стотинки зад Гут и првпат во кариерата се искачи на подиумот во Светскиот куп. Сонародничката на Гут, Надја Крамер, заврши трета со заостанување од точно половина секунда зад победничката. |