14.12.2012, 17:13 Каролина останува во врска со „Оне“ и во новата година
Поп-пејачката и телекомуникацискиот оператор потпишаа нов едногодишен договор за соработка
Поп-пејачката Каролина и телекомуникацискиот оператор „Оне“ ќе ја продолжат соработката и во новата, 2013 година, со што операторот и во следната календарска година останува зад проектите на македонската музичка ѕвезда.
„Ние во ’Оне’ сме особено горди на соработката со Каролина. Каролина е синоним за ѕвезда со континуирана популарност и стабилна музичка кариера, а нејзината музика е модерна, урбана и надалеку препознатлива. Сето тоа одлично се вклопува со нашиот бренд и токму затоа одлучивме да го продолжиме партнерството со неа и во следната година“, изјави главниот оперативен директор на „Оне“, Тадеј Ленрачич, на вчерашната средба со новинарите.
„Љубовта“ на „Оне“ и Каролина беше разоткриена лани пред новогодишните празници, а „романсата“ на заемно задоволство продолжува уште една година. „Со ’Оне’ успеавме да се сплотиме и навистина станавме едно. Реализиравме неколку рекламни кампањи, издадовме албум, а ни претстои и заедничкиот новогодишен концерт на 22 декември во Универзална сала. Верувам дека 2013 ќе ни биде уште поуспешна од минатата“, додаде Каролина.
Каролина и „Оне“ досега реализираа неколку рекламни кампањи, компилациски албум насловен како „Најубави песни“, видеозапис за песната „Тој“ и претстојниот новогодишен концерт во Универзална сала во Скопје. (К.Ш.)
На 20 декември - Во живо од домот на Каролина
Специјално за сите обожаватели на македонската музичка ѕвезда, на 20 декември, во 20 часот, на веб-страницата на „Оне“, Каролина ќе има едночасовно во живо интервју од нејзиниот дом, што е ексклузивна можност за сите заинтересирани да и' постават прашање во живо. |