14.12.2012, 15:14 Германските парламентарци поделени околу Македонија
Оптимистите сметаат дека политичката определба на ЕУ за членството на Македонија е јасна, само потребно е уште малку трпение, наспроти песимистите кои велат оти ќе мора уште долго да се чека
Германските парламентарци со различнио толкувања на заклучоците на Европскиот совет за Македонија и почетокот на пристапните преговори. Оптимистите сметаат дека политичката определба на ЕУ за членството на Македонија е јасна, само потребно е уште малку трпение, наспроти песимистите кои велат оти ќе мора уште долго да се чека.
Како што објави Дојче Веле повикувајќи се на добро информирани извори, Германија и група земји кои се традиционално ангажирани на Балканот од позадина прават многу проширувањето да не запре. И конкретно, како што велат, формулата за спорот околу името, кој го сопира европскиот пат на Македонија најверојатно ќе биде дел од пакетот отворени прашања, кои треба да се затворат при решавањето на грчката финансиска криза.
Според Јирген Климке пратеник на ЦДУ/ЦСУ и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, ЕУ и Германија не отстапуваат од проширувањето.
„ЕУ не отстапува од натамошното проширување. Заклучоците од вторникот се само една меѓустаница. И за заседанието на Европскиот совет нема формален заклучок дека процесот на проширувањето ќе се забави или сопре. Напротив, Германија, како што е повеќепати кажано го поддржува проширувањето со земјите од Западниот Балкан и Македонија треба да има до пролетоска уште малку трпение“, оценува Климке.
Оптимист е и либералот Рајнер Штинер, кој вели дека во заклучоците кои се подготвени за Европскиот совет (вкупно пет, од 38 до 42) јасно „се потврдува дека Македонија е подготвена и ги исполнила политичките критериуми за да оди напред“.
„Можеби не е фер, но животот е таков - не е секогаш фер! Популарноста на проширувањето во Германија и Европа не е посебно голема, затоа мора да внимаваме да се исполнат критетриумите. На ова земјите кандидати, меѓу кои е и Македонија веројатно гледаат како на неправда, но таква е реалноста и ова отворено го кажувам“, коментира Штинер.
Гернот Ерлер, заменик претседавач на пратеничката група на социјалдемократите во германскиот Бундестаг, пак, со став дека земјата можеби ќе чека на подолг рок.
„Македонија, која е кандидат за членство од 2005 ќе мора и натаму да чека. Со тоа што не е посочен термин за почеток на пристапните преговори, значи дека остануваат предусловите: расчистување на спорот околу името со Грција и надминување на затегнатостите со Бугарија, вели Ерлер. Ако нема подобрување во односите со соседите, додава Ерлер, Македонија ќе мора да чека уште долго. Според него недоделувањето датум за старт на пристапните преговори и по четвртата позитивна препорака од страна на Комисијата „е укажување до македонското раководство дека „се' не оди посебно добро во Македонија“.
|