14.12.2012, 14:38 Софија да ги почитува правата на македонското малцинство
ПССЕ бара од Бугарија целосно спроведување на сите одредби кои ги содржи Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства
Комисијата за следење на обврските на земјите членки при Парламнетарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) побара од Бугарија да ги почитува правата на сите малцинства, вклучувајќи ги и тие на непризнатото македонско малцинство.
ПССЕ побара од Бугарија целосно спроведување на сите одредби кои ги содржи Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, посебно во делот на спроведувањето на индивидуалните права, со оглед, како што стои во резолуцијата, дека таа не го признава постоењето на македонското малцинство и помаците. Исто така од Бугар��ја се бара да ја потпише европската повелба за регионални и малцински јазици.
ПССЕ смета дека Бугарија треба да напредне во давањето на правата на лицата кои им припаѓаат на националните малцинства, во делот на промовирањето на мајчинот јазик, како и промовирањето на нивниот културен идентитет.
ПССЕ исто така бара од Бугарија систематски и безусловно да ги осудува говорите на омрази насочени против малцинствата, како и да ги зајакне мерките за меѓусебна трпеливост и взаемно почитување и истовремено да ги охрабри политичарите да имаат примерно однесување и да се зафати со решавањето на проблемите на ромското малцинство.
Во резолуцијата подготвена од италијанскиот парламентарец Лука Волонте и одобрена од Мониторинг комисијата на ПССЕ, се вели дека и покрај постигнатиот напредок Бугарија треба да напредува во повеќе клучни области, како независноста на правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и се надева дека таа ќе продолжи да напредува на демократски начин. За реезолуцијата ПССЕ ќе треба да ја изгласа на јануарската сесија во Стразбур. |