17.12.2012, 19:40 ММФ ќе препорача проширен мониторинг за Македонија
Според прелиминарните заклучоци, ММФ очекува Македонија годинава да оствари економски пораст од нула отсто, а наредната година од 2 отсто, поттикнат од странските директни инвестиции и од јавните инфраструктурни проекти
Процес на проширен мониторинг за нашата земја се очекува да препорача раководството на Меѓународниот монетарен фонд. Ова се најавува во прелиминарните заклучоци од посетата на Мисијата на ММФ која се реализираше во текот на изминатата недела, а кои доцна попладнево беа објавени на веб страницата на оваа меѓународна финансиска организација.
Пост -програм мониторингот, како што објаснуваат од ММФ, е наменет за сите земји членки кои што имаат значителна преостаната финансиска поддршка од ММФ по истекувањето на нивните аранжмани. Оваа програма е со цел да обезбеди рано предупредување на политиките кои би можеле да ја загрозат надворешната одржливост на земјата и капацитетот да ги отплаќа обврските кон ММФ, од каде што ќе советуваат што треба да се преземе за да се поправи макроекономскиот дебеланс.
Според објаснувањето, финансирањето од ММФ им овозможува на земјите членки кои имаат проблеми со билансот на плаќање своевидна соба за дишење. Земјата членка може да се вклучи во процесот на проширен мониторинг откако нејзината програма ќе истече односно ќе искористи 200 отсто од квотата која што ја има во ММФ и кога веќе нема да има било каков аранжман со ММФ.
Инаку, според прелиминарните заклучоци ММФ очекува Македонија годинава да оствари економски пораст од нула отсто, а наредната година 2 отсто, поттикнат најмногу од приливот на странски директни инвестиции и на јавните инфраструктурни проекти. Мисијата на ММФ ја предводеше новата шефица Ивана Владкова Холар, на која што ова и е прва посета на нашата земја во оваа функција.
ММФ укажува дека главниот ризик и натаму претставува продолжувањето на кризата во еврозоната која што може да доведе до притисоци врз тековната сметка, надворешното финансирање и ликвидноста на банките.
„Властите се целосно претпазливи околу таквите ризици“, велат од ММФ, додавајќи дека се преземаат низа активности и мерки за претпазливост, како и дека се очекува комерцијалниот кредит поддржан со гаранција од Светската банка да ги олесни ризиците околу надворешното финансирање.
Според ММФ, јавното признание на владата за заостанатите обврски е чекор за поздравување, но од оваа институција додаваат дека натамошната транспарентност во однос на состојбата со заостанатите обврски и нивното намирување и стратегијата на властите за понатамошна превенција, ќе го помогнат кредибилитетот на фискалната рамка. (М.Ј.) |