17.12.2012, 14:01 „Амбиент 3“ - нова книга на новинарот Зоран Иванов
По „Амбиент 1“ и „Амбиент 2“, деновиве од печат излезе и третата книга на новинарот Зоран Иванов насловена „Амбиент 3“. Иницијалниот мотив на издавачот Свето Стаменов за печатење на „Амбиент 3“ е наградата на Здружението на новинарите на Македонија за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, која Иванов ја доби за 2012 година.
Во предговорот на книгата издавачот пишува: „Во илјадниците напишани новинарски редови на Зоран Иванов, несвојствено за македонското ’современо‘ новинарство, не може да се најде ниту еден навредлив збор за кого било. Ниту една навредлива мисла упатена спрема личноста за која пишува. Или во било која форма во пежоративен контекст ги споменува ликовите за кои зборува во своите текстови, коментари, анализи. Новинарското кредо на Зоран Иванов отсекогаш било преку своите новинарски продукти да се занимава со работата, резултатите и последиците од работењето на луѓето кои, во името на граѓаните, доброволно се нафатиле да ги средуваат состојбите во државата и да ја одредуваат нејзината и перспективите на целото општество и на сите граѓани“.
Како и со „Амбиент 1“ и со „Амбиент 2“, повторно со негово знаење, а како што вели, без негова согласност, и во „Амбиент 3“ се отпечатени и преобјавени уште еден грст професионални авторски, новинарски и човечки траги на Зоран Иванов. Ова издание на „Амбиент“ е дел од новинарската, но и на општествената активноаст на авторот во периодот 1999 до 2012 година.
|