17.12.2012, 09:42 Координативна средба кај Вељаноски за буџетот за 2013
ВМРО-ДПМНЕ бара од пратениците на СДСМ да се откажат од неразумните тактики
Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски за денеска закажа Координативна средба на која ќе биде разгледана динамиката и деблокирањето на донесувањето на буџетот на Република Македонија за 2013 година.
На средбата, како што информира собраниската прес-служба, покрај потпреседателите на Собранието и координаторите на пратеничките групи ги повика и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Марјанчо Николов, претседателката на Законодавно - правната комисија Благородна Дулиќ и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
- Загрижен поради насилничкото однесување на одредени пратеници во текот на денешниот ден и блокирањето на работењето ��а комисиите, надлежни за донесувањето на буџетот на Република Македонија за 2013 година, за утре во 10 часот закажувам Координативна средба на која ќе биде разгледана динамиката и деблокирањето на донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2013 година, нагласува Вељаноски.
ВМРО-ДПМНЕ бара од пратениците на СДСМ да се откажат од неразумните тактики
ВМРО-ДПМНЕ е згрозена и фрапирана од недоличното, насилничкото однесување на СДСМ и неговите пратеници во Собранието на Република Македонија. Бараме веднаш да се откажат од неразумните тактики, однесувања, барања и постапувања во Собранието и да престанат да внесуваат хаос и да го кочат донесувањето на буџетот, порача Илија Димовски на партиската прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
- Физичките напади што неколкуте пратеници на СДСМ ги направија врз неколку свои колеги се дно на се` што лошо сме виделе во изминатите 20 години. Единствено присебноста на нас пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и намерата да не влеземе во погубното сценарио што СДСМ го има спремано, доведе до тоа да избегнеме поголем и посериозен инцидент, при денешната работа во Собранието, рече Димовски и додаде дека нема да ја толерираат таквата неодговорност и неразумност.
Во овие 20 години на плурална Република Македонија, нагласи, за прв пат се блокира државниот буџет, а со тоа се доведува во прашање и нормалното функционирање на државата.
- Ова е единствен случај во Европа, политичка партија да држи во заложништво цела држава, цел систем и да го загрозува нормалното функционирање и интересите и приходите на сите нејзини граѓани. Денеска СДСМ посегна по основните начела на демократијата и не за првпат се обиде да предизвика инциденти во Собранието на Република Македонија. Пратениците на СДСМ кои учествуваа во страмните постапки, треба јавно да им се извинат на граѓаните, рече Димовски.
Стана јасно, посочи, дека не се работи за буџетот, ниту за прилично евтиниот аражман со Светска банка, туку се работи за чисто сценарио креирано од СДСМ и Бранко Црвенковски, за создавање на целосен хаос во државата.
- Ова сценарио треба да создаде проблеми и хаос во државата, за да подоцна СДСМ и Бранко Црвенковски се понудат како спасители или како решение на проблемите. Сценарио што неколку пати досега во овие 20 години сите заедно сме го гледале, нагласи Димовски. |