17.12.2012, 13:44 Високото образование, лустрацијата и парното наскоро на Уставен
Претседателот на Уставниот суд соопшти дека в среда на дневен ред ќе биде ставено високото образование, а во почетокот на идната година по третпат и лустрацијата
Иницијативите за кои Уставниот суд на Република Македонија трпеше одредени критики, напади и коментари, а се однесуваат на високото образование, лустрацијата и Правилникот за снабдување со топлинска енергија наскоро ќе се најдат на дневен ред пред уставните судии.
Ова во интервјуто за МИА го потврди претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Бранко Наумовски, посочувајќи дека в среда на дневен ред на седницата ќе биде ставено високото образование, а во почето��от на идната година по третпат и лустрацијата.
- Во моментов се работи на иницијативата за Правилникот за топлинска енергија, која е добиена кон крајот на август кога Судот колективно е на годишен одмор, а е процесуирана во текот на септември. Кога редовно би ја почитувале процедурата, односно роковите, во принцип не би можел Судот пред три месеци да одлучи по иницијативата, што не значи дека роковите не може да се скратат. Но, сепак, тоа е оценка на Судот, секогаш се обидуваме ваквите иницијативи за кои е заинтересирана и засегната јавноста да добијат побрз епилог. Но, како и да е, очекувам наскоро оваа иницијатива да се најде на дневен ред, вели Наумовски.
Тој додава дека ги разбира и сфаќа реакциите во јавноста особено за времетраењето на постапките пред Уставниот суд. - Знаете, нема лесен или тежок предмет, мал или голем, значаен или помалку значаен, секој предмет си има своја специфика, на секој мора аналитички и студиозно да се пријде и да се донесе соодветна аргументирана одлука, истакнува првиот човек на Судот.
Зборувајќи за работата на Судот, Наумовски вели дека во втората половина од годинава е намален бројот на укинувачките и поништувачките одлуки.
- Факт е дека овој состав на Судот функционира од 1 јуни 2012 година, па доколку се постави прашањето зошто има вакви очигледни отстапувања во одлучувањето и дали тоа се должи на персоналниот состав на Судот, може да се даде потврден одговор, јас едноставно би констатирал дека тоа е така затоа што така гласале судиите, истакнува тој.
Судот, како што информира Наумовски, во првата половина од оваа година донел 18 укинувачки одлуки, кои претежно се однесуваат на укинати одредби од закони, а во втората половина донесени се 6 такви одлуки. - Ако во првата половина се донесени 5 поништувачки одлуки, во втората половина донесена е една таква одлука. Овие податоци покажуваат дека во втората половина од годинава е намален бројот на укинувачките и поништувачките одлуки во Судот, истакнува тој.
Зборувајќи за финансиската и кадровската состојба во Уставниот суд, Наумовски вели дека со години наназад институцијата е во многу тешка состојба.
- Сметам дека Уставниот суд мора да има сопствен независен Буџет. Положбата на Судот со Устав е јасна. Недозволиво е Уставниот суд финансиски и кадровски да е зависен од извршната власт, односно од оној од кого бараш да ги извршува твоите одлуки. Мора да се најдат механизми при концепирањето на Буџетот, без согласност на Уставниот суд тој да не смее да се донесе. На овој план е разговарано со надлежните во Владата и во очекување сме некои состојби да се подобрат, вели Наумовски. |