17.11.2012, 13:07 Ван Ромпуј лично ќе се заложи за она што Македонија го заслужува
Претседателот Ѓорге Иванов по средбата со претседателот на Европскиот совет во Виена
Поддршка за деблокада на македонските евроинтеграции, засилен ангажман и помош, побара претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј на синоќешната средба во Виена, јави известувачот на МИА.
Претседателот Иванов денеска изјави дека на Ван Ромпуј му ги укажал очекувањата од декемврискиот Самит на Европскиот совет, за она што е препорака од Европската комисија конечно да биде ефектуирана и Македонија да добие датум за почеток на преговорите.
- Ван Ромпуј укажа дека од првиот ден додека е на оваа функција настојува Западен Балкан да добие своја шанса, да почне да се придвижува во евроинтеграциите, истакна Иванов.
Западен Балкан, посочи тој, заслужува да биде дел од ЕУ.
Европската унија без Балканот не е Европа. Европската унија ќе може да каже дека е Европа кога и целиот Балкан ќе влезе во ЕУ, потенцира Иванов.
- Ван Ромпуј укажа дека лично ќе се заложи за она што Македонија го заслужува и целиот регион, состојбата да се промени. Тоа е порака, меѓутоа ќе видиме кога ќе дојде Европскиот самит каков ќе биде одговорот. Важно е дека она што е од нас сме го оствариле и извештаите на Европската комисија тоа го укажуваат, додаде Иванов.
Претседателот Иванов со денешната средба со комесарот за регионална политика Јоханес Хан и со посетата на Музејот на Ернст Фукс ја заокружи работната посета на Виена.
|