19.11.2012, 14:40 Внукот на Хасан Приштина во посета на Битола
Почна прославата на 104-годишнината од Битолскиот конгрес на кој албанските интелектуалци ја унифицирале албанската азбука
Битола - Почна прославата на 104-годишнината од Битолскиот конгрес на кој албанските интелектуалци ја унифицирале албанската азбука, прифаќајќи го латинското писмо.
Главната свеченост е закажана за 22 ноември во Национална установа Музеј на Албанскиот конгрес во Битола, кога и официјално ќе биде пресечена црвената лента на оваа институција од културата.
Потомците на албанските идеолози Хасан Приштина, Иса Болетини, Хаџи Зека, Идриз Шефери, Осо Кук�� и на Мехмет Паша Дерала во петокот допатувале во Битола со цел да присуствуваат на свеченоста во Центарот за култура, каде што уметници од Албанија настапија пред битолчани.
„Шестмина внуци, потомци на албанските борци за национална еманципација Мехмет Приштина, Газменд Болетини, Бек Зека, Нијази Идризи, Мурат Кука и Берат Дерала, во петокот беа во Битола да ја посетат зградата во која се одржал Битолскиот конгрес. Тоа се внуци од нивните деца. Со нив разговаравме за некои случувања од минатото, за сегашноста, а потоа прошетаа низ градот и ги испративме за Албанија и Косово“, вели Кенан Хасани, новинар од Битола.
Прославата продолжува и утре, кога се очекува во Битола да допатува многубројна делегација од Албанија предводена токму од потомците на албанските дејци. Тие ќе одржат помен во Битола, а потоа ќе заминат во Струга, од каде што се враќаат во Елбасан и во Тирана.
Во Музејот во Битола течат последните подготовки за свеченоста в четврток за кога е најавено присуство на видни личности од државата и гости од Албанија.
„При кај сме со реновирањето на Музејот, оспособивме два ката за оваа институција. Музејот веќе го доби ликот што го планиравме, за што добивме два милиона денари од Министерството за култура“, вели Газмент Хоџај, директор на Музејот во Битола.
За прославата во Музејот ќе биде отворена изложба, а ќе биде промовирана и првата книга на македонски јазик за Битолскиот конгрес од авторите Кристаќ Привти и Шабан Демири од Албанија.
„Организираме презентација на книгата ’Битолски конгрес‘, преводот ќе биде на македонски јазик. Се одлучивме на таква варијанта, бидејќи досега немало литература на македонски“, најавува Хоџај.
Првиот човек на Музејот во Битола вели дека деновиве зачестиле посетите на Куќата на албанската азбука во Битола. За Куќата на булеварот „1 Мај“ каде што е сместен Музејот се решени најголем дел од имотноправните проблеми, во тек е процедурата за доделување на дворот, а сопственикот на двата дуќана на приземјето веќе покажал разбирање да се договорат музејскиот комплекс да биде една целина. (А.Б.) |