16.11.2012, 13:03 Во Газа убиен 11-месечниот син на дописникот на Би-Би-Си
Фотографијата која се појави на насловни страници на голем број дневни весници денеска ширум светот зборува една трагична приказна за израелските воздушни напади врз Појасот Газа.
На фотографијата може да се види Јихад Мишрави, дописник на Би-Би-Си, кој живее во Газа додека го носи беживотното тело на својот 11-месечен син Омар.
Израелска бомба го погоди домот на Мишрави во Газа и притоа загина неговиот син Омар, ранет е неговиот брат, а сестрата на неговата сопруга загина во нападот.
Мишрави укажа дека во момент кога врз неговата куќа паднал проектил, во соседството било мирно.
- Целиот тим е во Газа. Постои само едно прашање. Ако Израел има напредно оружје и може да погоди еден човек на мотор, како што се случи мминатиот месец, како тогаш е убиен синот на Јихад, изјави Пол Данахар, шеф на Би-Би-Си за Блискиот исток кој вчера пристигна во Газа.
Уредникот на Би-Би-Си Џон Вилијамс испрати извештај до своите колеги за смртта на малиот Омар.
- Ова е особено тежок период за дописништвото во Газа. Имаме среќа што тој тим работи за нас. Овие случувања се потсетник за сите предизвици со кои многу наши колеги се соочуваат секојдневно, се вели во соопштение.
|