18.11.2012, 14:01 Рецензија за „Дваесет и првиот“ на Османли во „Јутарњи лист“
Критичарката Јагна Погачник за романот на Томислав Османли пишува со нагласено пофалбен тон
Од перото на Јагна Погачник, една од најугледните современи хрватски книжевни критичари, во загрепскиот дневен весник „Јутарњи лист“ деновиве се појави осврт кон македонскиот роман „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли, кој беше промовиран во септември, а се појави во издание на загрепската издавачка куќа „Сандорф“. Авторката на текстот во „Јутарњи лист“, едновремено е и уредничка на посебна, строго селектирана прозна едиција на книгоиздателството „Алгоритам“, една од двете најголеми издавачки куќи во Хрватска.
Откако ќе потсети дека „Современата македонска книжевност во Хрватска е се' помалку teraa incognita, пред се' благодарејќи на преведувачкиот ангажман на професорот Борислав Павловски“, критичарката кратко го претставува нашиот автор и неговиот награден роман со наградата на „Утрински весник“, каква што во Хрватска доделува токму нејзиниот медиум, како и кандидатурата на романот на Османли за наградата „Балканика“. Таа објаснува дека насловот на „Дваесет и првиот“, кој во Хрватскиот превод е озаглавен со цифра, се однесува „на столетието кое се очекуваше како конечно здивнување од катастрофите на 20 век, а започна токму со глобални и локални катастрофи, од војни до фамозниот 21 септември“.
„Романот на Османли со својата сложена структура го фаќа духот и ритамот на времето, но и предупредува на вечната и ‘голема’ тема на преплетувањето на временските и просторните координати... Иако склон кон излети во фантасмагоричното, па и кон симулирањето на виртуелниот свет, Османли всушност пишува за македонската историја и современост и, слој по слој, ги открива особеностите на македонскиот/балканскиот идентитет“, ќе напише Погачник и ќе додаде: „Османли пишува елегантно и мистично, по малку интелектуалистички, но сето тоа не му пречи на вистинското читателско уживање...“ (Т.И.) |